Новосоздадени претпријатија, 2017 година
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година било регистрирано 6.321 новосоздадено претпријатие, што претставува 9.2 % од вкупно активните претпријатија во Република Северна Македонија .Во однос на 2016 година, забележано е намалување на новосоздадените претпријатија за 11.4 %.
Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (30.2 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а потоа следат секторот Преработувачка индустрија со 10.7 %, Стручни, научни и технички дејности со 10.6 % и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 10.3 %.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (72.3 %).
Згаснати претпријатија, 2017 година прелиминарни
Од вкупниот број активни претпријатија, во 2017 година згаснале 8.5 %, односно 5 796 претпријатија.
Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (36.8 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
Новосоздадени претпријатија 2012 – 2016 што преживеале во 2017 година
Само 32.9 % од новосоздадени претпријатија во 2012 година сѐ уште биле активни во 2017 година. Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија што припаѓаат во секторите Дејности на здравствена и социјална заштита (64.2 %), Стручни, научни и технички дејности (59.0 %).
Во 2017 година биле активни 50.2 % од новосоздадените претпријатија во 2013 година, 59.5 % од новосоздадените во 2014 година, 73.5 % од новосоздадените во 2015 и 82.2 % во 2016 година. Најголема стапка на преживување во 2012, 2013 и 2015 година имале новосоздадените претпријатија од секторот Дејности на здравствена и социјална заштита, во 2014 година новосоздадените претпријатија од секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување (без класа 64.20), а кај новосоздадените претпријатија во 2016 година тоа се претпријатијата од секторот Образование.