Во првиот месец од годинава македонските компании купиле стока од Руската Федерација  која вредносно  е речиси за четири пати повисока отколку што продале.Јануарскиот извоз на Република Северна Македонија во Руската Федерација изнесувал 3.36 милиони САД долари, а увозот ја достигнал бројката од 12.36 милиони САД долари.

Вкупната стокова размена меѓу двете земји на стартот од годинава изнесувал 15.72 милиони САД долари, при што земјава остварила трговски дефицит во размената со Русија во износ од 8.99 милиони САД долари.

Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2024 година, изнесува 600.5 милиони САД долари и бележи пад од 10.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 873 милиони САД долари, што е за 4.8 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во јануари 2024 година, изнесува 272.5 милиони САД долари.Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2024, изнесува 68.8 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.

Во јануари 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Бугарија и Србија.