Најголемата фармацевска компанија во Македонија, АД  „ Алкалоид“ од Скопје  по седми пат ја продолжи хуманата мисија чија главна цел е подобрување и унапредување на позитивните општествени вредности.
Големото  семејство на „Алкалоид“ ја продолжи традицијата наречена хуманитарен пикник за вработените, членовите на нивните семејства и нивните пријатели.
На годинешниот хуманитарен хепенинг, како што посочи претседателот на Управниот одбор и генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов,  собрани се над еден милион денари. Овој хуманитарен чин и годинава се спроведен под закрила на фондацијата „Трајче Мукаетов”.
-Средствата од донациите ќе бидат искористени за доопремување на два оддела на Клиника за детски болести во Скопје. Ќе бидат доопремени одделот за епилепсија на одделението за неврологија и одделот за астма на пулмо-алерголошкото одделение. Задоволни сме што секој поединечен дел од нашето семејство придонесува за подобар живот на сите нас –посочи Мукаетов.
За собраните средства благодарност искажа директорката на клиниката, д-р Катерина Ставриќ. Таа го изрази   задоволството  од досегашната соработка со „Алкалоид“ и нагласи дека се надева дека таа ќе продолжи и во иднина.