Руските научници работат над нов ефикасен метод за добивање енергија со помош на фотосинтеза. Тие сметаат дека оваа технологија ќе биде револуција во енергетиката и ќе помогне да се спаси светот од нафтената зависност.
Иако рускиот буџет се полни главно за сметка на приходите од извоз на природни ресурси, научниците и истражувачите од Институтот за физиологија на растенијата „Тимирјазев“ при Руската академија на науките во Москва се обидуваат да создадат самообновувачки енергетски извор. Заедно со странските колеги од Германија, Нов Зеланд, Канада и Иран тие работат над нов метод кој може да го спаси човештвото од нафтената зависност.
Научниците веќе откриле катализатор кој ја разградува водата на кислород и на водород на ист начин на кој тоа го прават растенијата – со помош на фотосинтеза. За таа цел се користи манганов комплекс, кој е идеално погоден за вештачка фотосинтеза, бидејќи е со природно потекло и не го нарушува балансот.
Благодарение на откритието во иднина ќе биде можно автомобилскиот резервоар да се полни не со бензин, ами со течен водород. Едно такво полнење ќе биде доволно за две-три илјади километри, тврдат научниците. Та, нели фотосинтезата ја претвора светлината во енергија со коефициент на ефикасност повисок од 90%, а во исто време кај сончевите батерии тој е во просек од околу 16%.
-Досега не беше возможно да се создаде средина во која се распаѓа водата, -коментира шефот на Лабораторијата за глобална екологија на фотосинтезата при Институтот за физиологија на растенијата Павел Воронин.-Катализаторот ќе ја разградува водата на кислород и водород и ние ќе почнеме да добиваме самообновувачка енергија. Кога тоа ќе почне да се прави во индустриски обеми, ќе се случи револуција во енергетиката, бидејќи сонцето е природен и непресушен извор на енергија, а водата – природен и непресушен извор на електрони.
Но, според научниците не треба да се очекува новото откритие да биде спроведено брзо во реалноста. Пред да започне примената на пронајдокот, ќе треба да биде декодиран процесот на лачењето на кислородот од молекулите на водата и да се разбере принципот на оксидација на водата за време на фотосинтезата. Според истражувачите, руски и странски научници, во суштина треба да се пресоздаде структурата на листовите на растенијата, а дури потоа откриеното да се применува како модел во индустријата, пренесува Руска реч.
-Во иднина количеството водород произведено преку методот на фотосинтезата ќе биде доволен за неговото втечнување во огромни количества, со цел да се користи при работата на водородните мотори, – вели заменик-директорот на Институтот за физиологија на растенијата Владимир Цидендамбаев.
Деновиве е најавено дека Русија повторно почнува самостојно да произведува хидразин – гориво за ракетни мотори и за космички апарати. Изградбата на оваа фабрика во Нижегородската Област (околу 400 километри од Москва) беше завршена кон крајот на февруари од страна на една од потструктурите на рускиот космички ресор Роскосмос.
До неодамна испораката на хидразин во Русија беше забранета поради санкциите: овој вид гориво, меѓу другото, се користи и во воените програми.
Проектната моќност на новиот комплекс ќе изнесува 15 тони годишно, соопштуваат од службата за односи со јавноста. Обемот на инвестициите, точната локација на фабриката и други детали не се откриваат. Во моментов во фабриката се тестира опремата и се подготвува започнувањето на производството. Отворањето е планирано за годинава.
-Сам по себе хидразинот е мошне едноставна органска материја – две молекули азот и четири водород. Во ракетната техника се применува негов дериват, кога еден од молекулите на водородот се заменува со посложено соединение. Тогаш се добива повеќе водород, па горивото станува поефикасно, односно се ослободува повеќе енергија на килограм тежина,- појаснува Иван Моисеев, научен раководител на Институтот за космичка политика.
Хидразинот се користи на горните нивоа на вселенските ракети – во блоковите за засилување. Современите ракети најчесто се лансираат најпрво во ниската орбита, а потоа се користи блокот за засилување за да се упати до потребната орбита, да лета и да маневрира. Колку е поголема масата на горивото, толку е поскап летот. Затоа зголемената ефикасност на горивото дури и за неколку проценти, каков што е случајот со користењето на деривати на хидразинот, суштински ги намалува трошоците.
Според Иван Моисеев, хидразинот е едноставен за производство, но истовремено е и мошне отровен, влегува во групата многу опасни материи или во првата класа на опасност. Неутрализацијата на горивото е мошне скапа. Згора на тоа, за производство на високоефикасно гориво – деривати на хидразин – постојат посебни барања. Порано во Русија беше поевтино тие да се купуваат, но сè се измени со санкциите.
До 1993 година во Русија хидразинот се произведуваше само во Новосибирската област (во Сибир). Потоа земјата почна да го купува од странство, најмногу од Германија од компанијата „Кајзер тред“.
Во 2014 година, поради заострувањето на меѓународните односи, испораката на хидразин за РФ беше прекината. Тогаш во Роскосмос почна да се зборува за можни проблеми со лансирањето на „Протон-М“, а, исто така, и на новите интерконтинентални балистички ракети „Сармат“.
Силното ембарго не траеше долго. Веќе во октомври 2015 година Европската Унија реши да ја продолжи испораката на хидразин и на негови деривати во Русија. Сепак, тој можеше да се користи само за лансирање на европските космички апарати и за заедничките програми со Европската вселенска програма, каков што е примерот со „ЕксоМарс“.
Според претставниците на Роскосмос, во Русија дотогаш беше собрано доволно количество резерви од горивата што влегоа под санкции. Но, без оглед на тоа, беше решено да се започне со производство на хидразин во земјата. Освен во Нижегородската Област, се реализира уште еден проект во Башкортостан (1.300 километри источно од Москва) во фабриката „Гаспром нефтхим Салават“.
Се обновува производството и на други видови гориво што се најдоа под санкции. Така, до 2018 година во Салаватската хемиска фабрика ќе биде обновено производството на нафтил. Тој се користи, меѓу другото, и за воените авиони Т-4. Како што се забележува во годишниот извештај на компанијата, ова е поврзано со прогнозираниот пораст на потребите на ракетно-космичката индустрија на Русија за нафтил до 2020 година за 5.000 тони годишно.
На крајот на 2015 година во Нижегородската Област во фабриката „Синтез“ во Ѕержинск започна производството на еден друг вид гориво што му е потребно на Роскосмос, а кое е под санкции. Станува збор за водород пероксид. Сега ова гориво се користи за ракетните носачи „Сојуз“, а, исто така, и во претпријатијата од одбранбениот сектор.