Растот на економијата за 2016 година се очекува да изнесува 3,5 проценти. Во третиот квартал е остварен раст на БДП од 2,4 проценти, што е над октомвриската проекција на НБРМ од 2,3 проценти, а носечки сектор е градежништвото. Се очекува проектираниот раст на БДП за цела 2017 да изнесува 3,5 отсто, а за 2018, 3,7 отсто, – констатира Советот на Народна банка на Република Македонија во својот најнов квартален извештај.
Утврдено е дека во последното тримесечје од 2016 година каматната стапка на благајничките записи се намали за 0,25 п.п., а на почетокот на јануари 2017 и за дополнителни 0,25 п.п, со што оваа основна каматна стапка се сведе на 3,5 отсто.
Овие одлуки на Народната банка беа резултат на видливото и континуирано неколкумесечно стабилизирање на очекувањата на економските субјекти по претходно преземените мерки за справување со изразените шпекулативни притисоци од неизвесниот политички амбиент во второто тримесечје, а при натамошно задржување на оцените за стабилност на економските фундаменти.. Остварувањата покажуваат дека и покрај зголемените ризици поврзани со фактори од домашна и надворешна природа, темелите на домашната економија останаа солидни и во 2016 година.
Во соопштението додаваат дека девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем, кои беа под најголемо влијание на политичките случувања од вториот квартал, до крајот на годината повеќе од целосно ги надоместија претрпените одливи.
Во третиот и во четвртиот квартал на 2016 година вкупната инфлација изнесуваше минус 0,1 отсто, што доведе до пад на потрошувачките цени за целата година од минус 0,2 отсто.