Растот на македонската економија за годинава, според најновата проекција на Народната банка на Република Македонија, ќе изнесува 2,3 проценти.
Како што соопшти на прес-конференција гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, за наредната 2017 година се очекува растот да забрза и да достигне 3,5 проценти и во 2018 година 3,7 проценти.
-Растот на БДП годинава ќе биде помеѓу основното и алтернативното сценарио од априлската проекција при пониски остварувања кај инвестиции наспроти солидните остварувања кај личната потрошувачка и повисокиот извоз, – посочи Богов.
Според основната априлска проекција, растот на БДП за годинава беше проектиран на 3,5 проценти, а според алтернативното сценарио изнесуваше 1,6 проценти.
Носители на растот за годинава се инвестициите и увозот, а дополнителен импулс дава и приватната потрошувачка. Стапката на инфлација за 2016 да изнесува нула проценти наспроти очекуваната од 0,5 проценти во април.
Во 2017 и 2018 се очекува забрзување на растот на цените и стапка на инфлација од 1,3 во 2017 и околу 2 проценти во 2018 година.
Во 2016 година растот на депозитите е забавен и ќе изнесува 2,6 проценти поради шпекулативниот напад од април годинава и се очекува со стабилизацијата на растот на економијата во наредните две години да дојде до забрзување на кредитниот раст на околу 7,5 проценти.
Кредитниот раст годинава е задржан на солидно ниво и се оценува дека ќе изнесува 5,6 проценти на крајот на годината, а натамошниот раст на економијата, растот на депозитите и стабилните согледувања за ризик на банките, сметаат од Народната банка, ќе придонесат кон забрзување на растот на 6 до 7 проценти годишно.
Како што информира Богов, банкарскиот систем и натаму е стабилен, ликвиден и висококапитализиран.