Нето – добивката на рускиот гасен холдинг “Гаспром” се зголемила двојно во 2015 година и достигнала до 403,522 милијарди рубљи (околу 6 милијарди долари) според руските сметководствени стандарди. Овие податоци се содржани во извештајот на компанијата и ги цитираат агенциите и медиумите на Руската Федерација. Приходите на холдингот, пак, лани се зголемени за 8,6% и достигнале до сумата од 4,334 трилиони рубљи.
Бруто добивка на компанијата пораснала за 5,51% достигнувајќи 2,068 трилиони рубљи, а добивката пред оданочување се зголемила повеќе од двапати – од 278,081 милијарди рубљи на 434,489 милијарди рубљи.
Добивката од продажба во 2015 година е намалена за 11,7 отсто и изнесува 811,940 милијарди рубљи, а трошоците се зголемиле за 11,6 отсто и ја достигнале бројката од 2,265 трилиони рубљи.
Долгорочните обврски на холдингот се зголемиле за 22,4% достигнувајќи 2,087 трилиони рубљи, а краткорочните за 7,9% и изнесувале 1,571 трилиони рубљи.
-Во првото тримесечје од 2016 година „Гаспром“ го интензивирал темпото на извоз на синото гориво во земјите надвор од Заедницата на независни држави (ЗНД). Растот на овој извоз изнесува 28,6% и физички достигнал 44,406 милијарди кубни метри, – посочил претседателот на компанијата, Алексеј Милер, цитиран од руските медијуми.
ОАО „Гаспром“ (Отворено акционарско друштво „Гаспром“) е најголем производител на природен гас во светот и најголема руска компанија. „Гаспром“ настанал во 1989 година, кога Министарството за гасна индустрија на Советскиот Сојуз било трансформирано во корпорација. Компанијата подоцна била делумно приватизирана, но и натаму руската влада го има контролниот удел.