Македонски енергетски ресурси (МЕР) и грчкиот систем-оператор за пренос на гас ДЕСФА неодамна во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на интерконективниот вод за пренос на природен гас Штип – Неа Месимврија со вкупна должина од околу 160 километри. Тоа беше повод за разговор со директорот на МЕР, Крсте Миладинов.
*Македонија со години немаше никакви активности во однос на изградбата на инфраструктура за пренос на гас. Дали со изградбата на првата делница од магистралниот гасовод Клечовце – Штип, се отворија услови за барање нови приклучоци што ќе овозможат пристап до нови извори на природен гас?
Во текот на изминатите години интензивно се работи на подобрување на енергетскиот сектор во Република Македонија. Во периодот од 2008 до 2010 година беше изработена „Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија од 2008 до 2020 со визија до 2030 година“ од страна на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Во периодот 2009-2010 година од страна на Меѓународен конзорциум изработена е студија за оправданост на средствата за гасоводен систем на Република Македонија со идеен проект. Врз основа на оваа студија, во 2012 година заврши изработката на основните проекти за следните магистрални гасоводи: Клечовце – Штип – Кавадарци до Неготино во должина од 96,65 километри, Неготино – Прилеп – Битола во должина од 91,70 километри, Штип – Радовиш – Хамзали (Република Бугарија) во должина од 59,96 километри, Хамзали – Струмица – Богданци – Грција, во должина од 50,39 километри, Скопје – Тетово – Гостивар со можност за поврзување со Кичево во должина од 110 километри. По изработката на проектната документација се пристапи кон обезбедување финансиски средства за реализација на проектите, и тоа за дел од проектите се искористи долгот на Руската Федерација кон Република Македонија, како и средства од заеми од европските банки. Првиот договор за изградба е за делницата Клечовце – Штип, кој се склучи во 2014 година. Изградбата почна во почетокот на 2015 година и заврши во јуни оваа година. Со изработката на студијата и проектите за изградба на гасоводен систем во Македонија, како и веќе отпочнатата изградба на истите тие се создадоа услови и потреба за дополнителни извори од природен гас. Поради тоа МЕР заедно со релевантните министерства и институции почна соработка за изградба на интерконективни водови со сите соседни држави. Со оглед на поголемиот избор на извори на природен гас, кои се достапни преку Грција, МЕР и ДЕСФА склучија меморандум за соработка за реализација на интерконективниот вод Штип – Неа Месимврија со вкупна должина од околу 160 километри.
*Можете ли да откриете што предвидува овој проект и со какво темпо ќе оди неговата реализација?
Потпишувањето на меморандумот за разбирање е во насока на реализација на проектот за изградба на интерконективен вод за пренос на природен гас со кој треба да се поврзат националните гасоводни системи. Придобивките од реализацијата на овој проект се големи. Сето ова е значаен чекор за развој на соработката помеѓу двете компании, размена на знаење и искуства, можност и за работа на нови заеднички проекти, со што се потврдуваат заложбите за добрососедски односи помеѓу двете држави. Зависно од прогресот во реализацијата на веќе постојните проекти, ќе се преземат конкретни активности за поврзување.
*Ќе се овозможи ли со изградбата на интерконективниот вод поврзување на македонскиот гасовод со популарните мегапроекти ТАП и „Турски тек“?
Секако дека ќе се овозможи, во тек се преговорите за поврзување со гасоводот од популарните мегапроекти ТАП и „Турски тек“. Изградбата на овој енергетски објект пред сѐ ќе обезбеди снабдување со дополнителни количества природен гас и можност за поврзување кон повеќе глобални проекти со други коридори за пренос на природен гас, кои имаат можност да поминуваат во близина на нашето опкружување, а со тоа и користење природен гас од повеќе извори и повеќе глобални проекти, како на пример рускиот гас, природен гас од Азербејџан и преземање втечнет гас од Реветуза.
*Дали со новата гасоводна инфраструктура ќе се овозможи транзит на природниот гас преку Македонија кон трети земји?
Од регионален аспект значајно е тоа што со реализацијата на интерконективниот вод за пренос на природен гас помеѓу Република Македонија и Грција се отвора можност за снабдување со природен гас на Република Србија, со што Македонија би станала транзитна земја за пренос на природен гас. Со реализацијата на проектите за изградба на националниот гасоводен систем се отвора нова ера во енергетскиот сектор и поврзување на Македонија во глобалната мрежа за пренос на природен гас.
*Што би значело тоа за Македонија?
За економијата е значајно тоа што ќе се овозможи развој и користење нов директен или индиректен енергент, како и можност за намалување на увозната цена на природниот гас преку користење поголеми количества и достапност на природен гас од повеќе производители и снабдувачи. Изградбата на дистрибутивните мрежи ќе овозможи природниот гас да стигне директно до секој дом, а компаниите со мали бизниси ќе имаат директна можност за избор на природниот гас како поевтина и еколошки чиста енергија, потоа намалување на трошоците на граѓаните и други економски субјекти. Секако, како индиректни придобивки би ги навеле отворањето нови работни места, придобивките на македонските компании вклучени во градбата и понатаму во одржувањето на овие системи, како и отворањето можности за инвестиции во гасниот сектор.
* Со изградбата на гасоводната мрежа се очекува да се зголеми побарувачката за природен гас. Дали може да се очекува намалување на цената доколку има пораст на бројот на корисниците и на увезените количества гас?
Со изградбата на гасоводната мрежа се очекува да се зголеми побарувачката на природен гас, да се овозможи развој на конкурентната компонента и можност за намалување на увозната цена на природниот гас бидејќи ќе се обезбеди достапност на природен гас од повеќе различни извори и снабдувачи. („Нова Македонија“)