Влеговме во епидемија и „локдаун“, но ние не престанавме да инвестираме и продолживме понатаму. Успеавме да излеземе како победници против пандемијата – порача  Светозар Јаневски, претседателот на Управниот одбор на винаријата „Тиквеш”, членка на Македонско-руската стопанска комора.

Од оваа винарија  ја објавија својата најнова инвестиција во лозови насади во месноста Бабуна близу Велес (17.5.2021 година).

-Ова подрачје е најдобро за црни вина – гренаш црн, плавец, вранец…се’ се тоа црни сорти специфични за овој дел на регионот, – порача Јаневски.

Новите лозови насади на локацијата Бабуна се дел од повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на винарската визба „Тиквеш”, во чии рамки досега се инвестирани над 5 милиони евра во подигнување на нови лозови насади и модерна механизација.  Дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД – програмата, а новите насади се наменети за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“.

На промоцијата на оваа нова инвестиција на компаниите „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ присуствуваа и  претседателот на Владата на Репубика Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за земјоделоство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа.

-Инвестицијата во нови лозови насади нема да придонесе само за унапредување на квалитетот на вината на ‘Тиквеш’, туку ќе создаде услови и за производство за поголеми количини за освојување на светските пазари. Со овој нов потенцијал, Винарската визба „Тиквеш“ со долгогодишната традиција на производството на врвни вина, со присуство на над 25 пазари ширум светот и освоени 130 високи награди на реномирани светски вински натпревари само минатата година, претставува најголем промотор на македонските вина на светската винска сцена, – истакна Зоран Заев.

За премиерот многу е важно што оваа инвестиција ќе придонесе за понатамошно градење на имиџот на земјата како производител на висококвалитетни вина и за етаблирање на македонската винска индустрија.

-Преку многу вакви примери, ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите кориснички на ИПАРД во однос на степенот на искористеност на ИПАРД 2. Како резултат на добрата искористеност на средствата од Програмата, за прв пат во историјата, две години по ред 2019 и 2020 година, а сега и во 2021 година, Република Северна Македонија нема да враќа неискористени средства од Програмата, – подвлече министерот за земјоделство Хоџа.

Инвестицискиот план предвидува  во текот на 2022 година да се вложат дополнителни 3,3 милиони евра и да биде опфатена површина од нови 180 хектари, а овој тип инвестиции во земјоделството ги задоволуваат сите критериуми за поддршка од ИПАРД програмата за развој на аграрот и руралниот развој.

-До денеска, преку ИПАРД 2-инструментот склучени се 1.723 договори со вкупна поддршка од 51 милиони евра. Агенцијата беше и ќе продолжи да биде најголем партнер на земјоделците и компаниите и двигател на растот и развојот на земјоделското производство и руралниот развој. Признание дека сме на добар пат и дека сме лидери во искористеност на средствата во регионот добивме и од ‘ДГ Агри’ на ЕУ, а веќе во ИПАРД 3-програмата која треба да ја започне со имплементација во 2022 година очекуваме многу поголем буџет од оној што го имавме во претходниот период, – посебно нагласи Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6,  Светозар Јаневски, пред гостите ја нагласи   јасната визија за создавање врвни вина и развој на винска индустрија.

-И во овие услови на пандемија компанијата продолжи со инвестициите во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси за понатамошно унапредување на квалитетот на вината на ‘Тиквеш’, нивно позиционирање на странските пазари и поголема промоција на македонските вина воопшто. Задоволни сме и благодарни за поддршката што ја обезбедуваат Владата, ресорното министерство и ЕУ фондовите за овој сектор, а во тие рамки и за ‘Тиквеш’ како двигател на развојот на македонската винска индустрија, истакна Јаневски.