Чизмите кои издржуваат студ со името „Пионер на арктичкото патување“ (Pioneer of Arctic Travel), разработени во Сибир, издржуваат студ до минус 70С. Тие веќе ги поминаа тестирањата на ледената база „Барнет“ на Арктикот
Научниците од Новосибирск во Руската Федерација за војниците ги создадоа чизмите „Pioneer of Arctic Travel“, кои ќе издржат температура од -70 ° С. При разработката се користат нанотехнологии, што овозможува да биде постигнат „ефектот на термос“ на стапалата. Иновативните чевли веќе ги поминаа тестирањата во ледената база „Барнет“ на Арктикот. Наночизмите ќе бидат достапни и за обичните граѓани кои се занимаваат со зимски спортови и туризам.
Фабриката која почна да ги произведува „Pioneer of Arctic Travel“ во 2013 година си постави задача да развива иновативни материјали за производство на обувки. За таа цел индустриските производители го основале Истражувачкиот центар, каде се собрани научници, особено специјалисти по органска хемија, кои прават експерименти со модификации на полимери. На пример етиленвинилацет – материјал кој во соединение со наноцевки дава особен квалитет на иновативните чизми. За да се избегне удирање и влечење, пронаоѓачите додале термички еластичен слој.
Руските научници развија импланти од полиетилен
-Главната задача на нашите научници е развивање на нови материјали за чевли кои ја подобруваат моќта, леснотијата, отпорноста на студ и други својства, – вели претставникот на компанијата „Обув Росии“, Наталија Паули. – Истражувачите создадоа нов материјал кој беше тестиран во Новосибирскиот институт за технологија, а потоа пилот-серија од чизмите беше испратена на ледената станица, за да биде тестирана од страна на експерти во реалните услови на Антарктикот.
Според препораките на поларната војска компанијата ги доработува чевлите и подготвува шеми за армијата. Производителите веќе имаат нарачки од државни структури, воени единици и од Министерството за вонредни ситуации на Русија. Првите 50.000 пара веќе се подготвени.
На почетокот на годината беше воведена забрана за купување на увозна продукција од лесната индустрија за државни и општински потреби. Како резултат на тоа за руските производители се отворија нови пазари со обем од 2.4 милијарди американски долари и 50 милиони пара чевли годишно“, соопштува Паули.
Руски филтри за прочистување на воздухот
Компанијата не планира да го ограничува пазарот на продажба: моделот „Pioneer of Arctic Travel“ ќе биде понуден во специјализирани трговски синџири за активен одмор, лов и риболов. На социјалните мрежи веќе има интерес од страна на корисниците во Сибир – заинтересирани се дали ќе бидат развиени „нанобунди“ и „наношапки“. Но, соработниците на фабриката сè уште не работат на ова прашање.
-Планираме активна работа во сферата на производство на специјализирани и работни чевли кои имаат заштитни својства – огноотпорни и издржливи. При нивното производство ќе бидат употребени високотехнолошки материјали кои овозможуваат чевлите да издржат големо оптоварување, – додава Паули. („Руска реч“)