Странските банки, кои ги затворија своите канцеларии во Русија, претрпеа загуби во износ од околу 2 милијарди долари, пишува весникот “Известија”, повикувајќи се на податоците од истражувањето на Националната рејтинг агенција.

Ако на 1-ви јануари 2012-та година во земјата дејствувале 77 банки со целосно странски капитал, на 1-ви јануари 2016-та од нив останале 68, пишува весникот.

Се забележува дека посериозни загуби претрпеле белгиската „KBC Group“ (691 милиони долари), следена од „Barclays Bank PLC“ (625 милиони долари) и „Bank of Cyprus“ (443.8 милиони долари).

Четири банки целосно ги загубија своите инвестиции : „IPF Investments Limited“ (5.9 милиони долари), „Rabobank“ (44.4 милиони долари), „Svenska Handelsbanken“ (53.4 милиони долари), „Swedbank“ (3.4 милиони долари). Тие не можеле да најдат купувач и едноставно ги ликвидирале своите руски гранки.

Според зборовите на шефот на управувањето за анализа на финансискиот сектор на Националната рејтинг агенција Карина Артомова, повлекувањето на западните банки започнува по проценката на последиците од кризата за руската економија и финансискиот систем. Според неа мнозинството од компаниите се одлучиле за симнување уште пред воведувањето на санкциите против Русија, а оние кои донеле одлука по пролетта на 2014-та година, мнозинството си се раководеле од економски причини, додава Артомова.

Од друга страна, пак, и враќањето на Русија на меѓународниот кредитен пазар не оди така лесно.Обидот за пробив на Русија на него – за првпат од воведувањето на западните санкции – предизвика голем интерес што отсликува дека има значајна побарувачка, но не успеа да привлече меѓународни инвеститори, објавија руски медиуми и аналитичари, цитирани од Франс прес.

Операцијата на враќање се смета за тест за руската влада, откако САД ги предупредија американските компании да се воздржат од учество.

Според весникот “Ведомости” надеж е дека ќе бидат привлечени азиски инвеститори за да вложуваат во руските хартии од вредност..Новата емисија руски еврообврзници ќе овозможи да се дознае колку голем ќе биде интересот на странските инвеститори во позадината на европските и американските санкции против Москва, пишува “Фајненшл тајмс”, цитиран од агенциите.

Операцијата има големо симболично значење за Кремљ, кој се стреми да го минимизира влијанието на санкциите наметнати во 2014 година поради конфликтот во Украина, кои доведоа до затворање на меѓународните пазари за руски компании, забележува „Блумберг“.

Министерството за финансии и Централната руска банка влеаја великодушно во банкарскиот сектор заеми во долари и рубљи, за да им помогнат на настраданите од санкциите компании да избегне банкрот. Се очекува ЕУ да ги продолжи санкциите следниот месец или на почетокот на јули.