Структурните реформи се најважните задачи за државата и владата

Бруто домашниот производ (БДП) на Русија се намалил за 0,8% во мај во однос на истиот период минатата година, објави рускиот министер за економија Алексеј Улукаев, го цитираат агенциите.

На месечна основа БДП се намалува за 0,1% на месечна основа во мај. За споредба падот на БДП во април бил 0,7%.

Сепак намалувањето на БДП во петтиот месец од годината е помалку од прогнозираниот пад од 1,1%, според мислењето на аналитичарите анкетирани од Ројтерс.

Рускиот министер за економија, додаде дека очекува инфлацијата да се намали со побрзо темпо од очекуваното. Тој одби да даде точна прогноза за инфлацијата, објаснувајќи само дека Русите се однесуваат штедливо, со што се намалува побарувачката.

Според очекувањата на Министерството за економија инфлацијата во Русија при најоптимистичкото сценарио ќе биде под 6%, соопштува ТАСС.

– Инфлацискиот притисок останува слаб ако се земе предвид постоечката негативна разлика меѓу реалниот и потенцијалниот БДП од втората година на рецесија, рече Владимир Осаковски, главен економист за Русија во Bank of America во Москва, во неодамнешната порака до клиентите.

Во исто време потрошувачката во Русија не успева да запише раст во мај, иако состојбите на пазарот на трудот и кај платите се движат многу подобро од очекувањата на аналитичарите. Ова ги засилува доказите дека инфлациските притисоци ќе останат слаби, додека економијата се опоравува од најдолгата рецесија за време на владеењето на претседателот Владимир Путин, пишува Bloomberg.

Продажбата на мало забележува пад од 6,1% во однос на минатата година по ревидираното намалување од 4,9% во април, покажуваат податоците на националната статистичка служба во Москва.

На Русија и треба прераспределба на даночниот товар меѓу различните сектори на економијата, за да се стимулира растот и несуровинските сектори, изјави деновиве рускиот премиер Дмитриј Медведев. Тој потенцира и дека економијата на Русија мора да се заштити од драстичните флуктуации.

– На прво место, економијата треба да се брани од нагли осцилации. Очигледно е дека оваа цел не може да се постигне за година или две, но диверзификацијата на економијата и промена на нејзината структура се важни задачи за државата и владата, изјави Медведев.