Во организација на Македонско-руската стопанска комора, делегација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денес беше во посета на Трговско индустриската комора на Руската Федерација во Москва. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, м-р Дејан Бешлиев беа примени и разговараа со потпретседателот на Трговско индустриската комора на Руската федерација, Владимир Падалко и неговите соработници.На разгворите во просториите на најголемата деловна асоцијација во оваа земја присуствуваше и в.д. амбасадорот на Република Северна Македонија во Руската федерација, Оливера Димовска.

Домаќинот на средбата Владимир Падалко, посебно ја истакна исклучително блиската сотработка и значајната улога што ја има Македонско-руската стопанска комора за развојот на економските односи меѓу двете земји. Трговско индустриската комора на Руската Федерација посебно ја цени и поттикнува соработката што двете комори ја негуваат со регионите во двете држави.

Двете делегации се согласија дека во иднина е можно и потребно зголемување на трговската размена во земјоделството кое е сега доминира во македонскиот извоз во Русија.Истовремено беше разговарано и за проширување на економската размена и на други полиња, но и воспоставување на повисоки форми на економска соработа и зголемување на руските инвестиции во земјава. Трговско индустриската комора на Руската Федерација ја искажа и својата поддршка за што поблиски и почести контакти меѓу бизнисмените од двете земји, притоа апосторфирајќи го учеството на саемските манифестации во Москва, посебно подвлекувајќи ги „Продекспо“ и „World food“ на кои традиционално со години излагаат македонските компании во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.Како значаен потег за зголемување на македонскиот извоз во Русија е оценето отварањето на Трговско-изложбениот „Македонски дом“, за кој руската комора во иднина ќе пружи и уште позначителна поддршка.

Двете комори го известија ко-претседателот на Меѓувладината Македонско-руска комисија, Трајан Димковски, дека се посебно задоволни што се обновува работата на Комисијата која може да одигра значајна улога во зголемување на меѓусебната трговска размена и вкупната економска соработка и во тој правец и двете деловни асоцијации веќе поднесоа предлози за кои ќе треба да се расправа на 14 и 15 ноември во Охрид кога ќе се одржи седницата по пауза од пет години.Коморите активно ќе партиципираат со свои членки и во составот на бизнис делегациите кои ќе учествуваат на бизнис – форумот кој ќе се одржи во време на заседавањето на Меѓувладината македонско – руска комисија.

Вкупната трговска размена со Русија во периодот јануари – јули 2019 година изнесува 106 милиони долари, што е раст од 19,29 отсто во однос на истиот период лани. Притоа е остварен извоз од 26,4 милиони долари, или 21,72 процента повеќе, додека увозното салдо е 79,6 милиони, што е зголемување за 18,5 проценти. Евидентиран е 53,2 милиони долари негативен биланс од наша страна, што е зголемување за 16,97 отсто.
Во вкупната трговска размена, Русија е 22. партнер на земјава. На рускиот пазар македонските компании најмногу извезуваат свежи јаболка, кајсии, цреши, вишни, праски и сливи, лекови, домати и тутун, додека увезуваме природен гас, полупроизводи од железо, нафтени масла, бакарни жици…
Одделение за информирање на Македонско- руска стопанска комора