Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ја посети компанијата „Алкалоид“ АД Скопје, членка на Македонско-руската стопанска комора (4.11.2020 година). Притоа, тој беше во обиколка на „Институтот за истражување и развој на „Алкалоид – Фармацевтски корпоративен развој“, којшто се занимава со задоволување на најстрогите барања на европските и американските фармацевтски регулаторни органи, кои како референтни се прифатени насекаде во светот.
При посетата, македонскиот претседател Стево Пендаровски оствари средба со генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, Живко Мукаетов и со Виктор Стојчевски, главен финансов директор и член на Управниот одбор.
Раководството на „Алкалоид“ пред високит гостин ги презентираше тековните активности на компанијата, резултатите од работењето и инвестициската активност. Живко Мукаетов посебно подвлече дека „Aлкалоид“ во изминативе две децении има инвестирано близу 200 милиони евра во фармацевтски производни капацитети, научно-истражувачки лаборатории, современа опрема, технологија, и кадар, а 10% од овој износ е вложен во научно – истражувачки дејности и осигурување на квалитетот на производите. Заедно со гостинот беше остварена обиколка на алкалоидовиот „Институтот за истражување и развој – Фармацевтски корпоративен развој“ во кој стоттина експерти од разни области работат на разни фази од развојот на фармацевтските производи.
-Научно истражувачката дејност во „Алкалоид“ има повеќедецениска традиција. Денес, водејќи се според начелата дека еден од најважните параметри за просперитетот на компанијата е зголеменото ниво на инвестирање во научни, истражувачки и развојни активности, како и контрола на квалитетот на производите, во изминативе две децении, имаме вложено близу 20 милиони евра во развојни лаборатории и во секторите за осигурување на квалитетот на производите. На годишно ниво, „Алкалоид“ во континуитет инвестира 3-5% од својот обрт во научно-истражувачки активности, знаење и човечки капитал, па токму овие инвестициски потфати ги сметаме за едни од клучните постулати во нашиот одржлив развој, а во иднина, лично би се заложил за интензивирање на овие активности на државно ниво, – истакна Мукаетов.
Во текот на 2020 година компанијата реализираше инвестиции од околу 20 милиони евра.
Истакнувајќи ја неколку децениската традиција во работењето и општествената одговорност на „Алкалоид“, претседателот Пендаровски при посетата искажа уверување дека и во услови на пандемијата на Ковид 19, компанијата ќе продолжи да инвестира во научно-истражувачки активности, знаење и во човечки капитал.
Групацијата „Алкалоид“ има над 1.800 вработени во земјава и повеќе од 530 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија. Годинава компанијата реализираше 175 нови вработувања.