Нашата најголема прехранбена компанија „Витаминка“, членка на Македонска-руска стопанска комора, доби сертификат за воведување на Халал-стандардот. Овој сертификат што го издава Агенцијата за Халал-стандард во Македонија во состав на ИВЗ, за компаниите значи овозможено учество на странските пазари што зависат и се вклучени во Халал-системот. Со стекнување на овој сертификат за „Витаминка“ се отвора можноста за извоз на пазар со 1,8 милијарди жители, или вреден 2,3 билиони САД долари. Само во Европа Халал-пазарот изнесува 70 милијарди САД долари, а во нашиот регион 2 милијарди.

-Воведувањето на Халал-стандардот во „Витаминка“ е од големо значење за унапредување на нашата компанија, а тоа ни овозможува да бидеме застапени и конкурентни на светските пазари каде претходно не сме биле присутни. Исто така, ова ја зголемува и довербата кај потрошувачите и ја потврдува нашата корпоративна цел, секогаш да се стремиме кон производство на прехранбени производи што ќе бидат според стандардите за свесност и безбедност на храната, – изјави Лидија Каранфилоска, технички директор на „Витаминка“.

HALAL e aрапски термин кој означува „се` што е дозволено“ на муслиманите по Шеријатското (верското) право, но за многумина овој стандард е синоним за здрава храна. Производите што носат ознака дека се правени според Халал-стандарди се мошне барани како меѓу потрошувачите со исламска религија, така и кај оние од останатите религии. Воведувањето на Халал-стандардот долги години е пракса на најголемите прехранбени производители на светскиот пазар, и со тоа се олеснува патот на компанијата својот извоз да го насочи кон нов и брзорастечки пазар, кој се предвидува дека до 2020 година ќе надмине 6 билиони САД долари на светско ниво. („Витаминка“)