Вкупната бројка на стоковната размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација во минатата година ја достигна бројката од близу половина милијарда долари – или точно 494,9 милиони САД долари. Во предминатата година таа изнесувала 233,5 милиони САД долари, што значи дека лани е забележал раст од дури 212 отсто. Притоа, македонскиот извоз  е намален за 5,2 отсто. Македонските компании во Русија пласирале стока за 54,1 милион САД долари (предминатата година 57,1 милиони САД долари).

Од друга страна, значително пораснал македонскиот увоз од оваа земја и ја достигнал бројката од 440,8 милиони САД долари (преклани 176,3 милиони САД долари). Тоа е раст од дури 250 отсто.

Русија  лани е рангирана како 11 земја трговски партнер на Република Северна Македонија.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, пак, стоковната размена на земјава со светот ја лани ја достигнала вредноста од нешто над 21,48 милијарди САД долари.Македонскиот извоз во периодот јануари – декември 2022 година, изнесувал 8,72 милијарди САД долари и бележи пораст од 6,6 отсто  во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 12,75 милијарди САД долари, што е за 12 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2022 година, ја достифнал вредноста од нешто над 4 милијарди САД долари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2022, изнесува 68,4 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – декември 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.