Првата линија на гасоводот „Турски тек“ ќе биде завршена во март 2018 година, а втора линија во 2019 година, му соопшти генералниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер на рускиот претседател Владимир Путин.

Првата линија на гасоводот треба да ја снабдува со гас само Турција, а другата, под Црното Море, ќе го транспортра рускиот гас до Јужна и Југоисточна Европа.

– Тука сум за да учествувам во почетокот на градежните работи на подводниот дел од гасоводот „Турски тек“ – изјави Путин во телефонски разговор со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган, за време на престојот на бродот „Пионерски дух“ кој ги сместува цевките за гасоводот во Црното Море.

Путин, исто така, рече дека Турција и Русија мора да се согласат за влезните точки на „Турскиот тек“.

– Изградбата на гасоводот и сите активности кои ќе бидат имплементирани се во строга согласност со најсовремените еколошки стандарди и прописи – му рече Милер на Путин.

– Кога станува збор за турскиот пазар, можеме да видиме дека побарувачката за рускиот гас се зголемува, бидејќи нашите испораки веќе имаат удел од 53 отсто од турскиот пазар – истакна Милер.

И во Европа, додаде тој, расте побарувачката за рускиот гас, а „Турскиот тек“, како што вели, ќе обезбеди сигурни резерви за сите потрошувачи.

Овој проект се оценува и како симболичен начин на помирување меѓу Москва и Анкара. Според планот, предвидена е изградба на два крака со капацитет од 15 милијарди кубни метри гас, кој ќе го сочинуваат предвидениот гасовод под Црнотото море. Целта е да се засили испораката на руски гас кон Турција, но и Турција да стане транзитна земја кон Европската Унија наместо Украина. Проектот е претставен во јавноста во 2014 година во екот на украинската криза, во време кога Турција се откажа од проектот гасовод Јужен тек кој требаше да поминува низ Црното море и Бугарија, а кој го блокираше Европската Унија.