Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги известува производителите на грозје, дека започна поднесувањето на барања за финансиска поддршка за произведено и продадено грозје од сортите вранец и смедеревка во регистриран капацитет за производство на вино во Република Македонија.
Финансиска поддршка од еден денар ќе добијат сите земјоделци кои произведеното грозје од сортите вранец и смедервка, го предале на регистриран капацитет на вино во Република Македонија, соопштуваат од Агенцијата.
Земјоделците кои ги исполнуваат условите барањата може да ги поднесуваат и по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Барањата, како што посочуваат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, може да се поднесуваат најдоцна до 25 декември годинава.
Заедно со барањето, земјоделците треба да достават и потврда за откупено грозје, издадена од страна на регистриран капацитет за производство на вино, се додава во соопштението на агенцијата.