Агенцијата за маркетинг и издавачка дејност „Елита“ во Скопје го промовираше петтото издание на руско-македонскиот каталог „По еден пат со светот – Русија и Македонија“.

Во новото издание посебен акцент е ставен на традиционалната храна, а прикажани се и природните убавини, ресурси и потенцијали со кои располага Македонија.

-Се надеваме дека каталогот ќе биде вистинска реклама за вредностите со кои располага Македонија, – истакна на промоцијата м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора.

Тој смета дека најважниот сегмент на Македонија е прехранбениот сектор кој е доминантен во каталогот,

– Каталогот ги претставува нашите најдобри вредности, убавини, но и квалитетот кој секоја година е подобар, за што се заинтересирани и руските потрошувачи кои се почесто консумираат македонски производи – вели Бешлиев.

Според рускиот амбасадор во Македонија, Олег Николаевич – Шчербак, каталогот претставува ефикасен начин за информирање на Русија и на сите земји од Евроазиската унија за трговските, економските, инвестициските и туристичките потенцијали на Македонија.

– Каталогот стана своевиден мост кој уште повеќе ги зближува нашите две традиционално пријателски земји. Објавувањето на овој каталог стана одличен подарок за сите кои се заинтересирани за натамошно унапредување на заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија, – рече амбасадорот Шчербак.

Тој посочи дека неисцрпни се можностите за соработка меѓу двете земји особено во енергетиката, земјоделството и туризмот и изрази надеж дека неодамнешната посета на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Москва ќе даде поттик кон натамошното унапредување на соработката.

– Пред неколку дена беше формирана нова Влада во Република Македонија. Се надеваме дека тоа ќе поттикне скорешно возобновување на Руско-македонската меѓувладина комисија за трговско, економска и научно-техничка соработка, – рече Шчербак, додавајќи дека Руската Федерација е отворена за соработка со Македонија и ќе направи се што е во нејзина моќ таа да се унапредува.

Амбасадорот истовремено потенцираше дека преку овој каталог Русија, а преку неа и сите земји од Евроазиската унија, се информираат за Македонија. Каталогот веќе петта година се подготвува со поддршка на Македонско-руската стопанска комора, Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, но и градоначалници, бизнисмени и соработници.

Според Соња Михајловска, директорката на „Елита“, на овој начин се продолжува идејата за создавање еден вид илустриран водич и презентер на стопанските субјекти и можните потенцијали кои ќе ја продолабочат соработка меѓу Руската Федерација и Република Македонија.

-Сметаме дека и овој пат каталогот ќе биде предмет на интерес на бројни читатели, бизнисмени, посетители и туристи,- додаде Соња Михајловска, директорката на „Елита“.

На промоцијата присуствуваше и Ѓорѓи Дика, претседател на Македонска-руска стопанска комора.