Во првата половина од годинава вкупниот обем на размена меѓу Република Македонија и Руската Федерација бележи опаѓање од 12,7 отсто, што е помалку за 9,3 милиони САД долари во однос на истиот период од ланската година. Рамената ја достигнала бројката од 64,2 милиони САД долари.Загрижувачки е што македонскиот извоз е намален за речиси четвртина во споредба со истиот период од ланската година (24,36%).Македонските компании на рускиот пазар пласирале стока во вредност од 31,1 милиони САД долари. Увозот од Русија во првите шест месеци изнесувал 33,1 милион САД долари и намален е за 1,94 отсто.Трговскиот дефицит на македонска страна е близу 2 милиони САД долари.
Ова беше истакнато на денешната трибина и еднодновна обука што ја организираше Македонско-руската стопанска комора на тема „Особености на рускиот пазар и стратегија на успех (потенцијал, можности, реализациј)“.
-Овие бројки се од руски извори, бидејќи според Државниот завод за статистика на Република Македонија, во овој период од годината Руската Федерација според обемот на вкупната трговската размена веќе не е меѓу дваесете земји со кои нашето стопанство најмногу тргува. Воедно, во овој биланс не е пресметана трговијата со енергенси, кои значително ја зголемуваат размената, но и македонскиот трговски дефицит, кој лани во овој период изнесувал дури 8,6 милиони САД долари, – истакна м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора. – Очекуваме дека во летните месеци значително е подобрен македонскиот извоз, бидејќи тогаш најмногу се пласираат земјоделско-прехрамбените производи од земјава на рускиот пазар.
И покрај оценката дека до крајот на годинава размената да ја достигне и надмине бројката од 200 милиони САД долари, сепак, Македонско-руската стопанска комора го запали „црвеното светло“ и со директен контакт со руски експерти се обидува да детектираме каде се потенцијалите и можностите за поголем извоз во оваа земја – не само годинава, туку воопшто во иднина како тенденција на зголемување на меѓусебната економска соработка и на таа основа поголеми бројки во размената и особено колку е можно нејзино врамнотежување.
Овој преоден шестомесечен намален обем на размена со Руската Федерација воопшто не се должи на некои политички причини или притисоци, со оглед на чуствителната фаза на меѓусебните односи на двете земји.Единствено, се работи за економски причини – македонските извозници се подложни на огромно зголемена конкуренција на рускиот пазар од производители од другите земји и претстои макотрпно прилагодување за да се издржи и задржи позицијата кај руските трговци – увозници.На пример, добар дел од намалениот македонски извоз во овој период се должи на драстично намалениот пласман на македонската рана зелка, бидејќи рускиот пазар беше преплавен со овој зеленчук од Иран и други земји со далеку пониски цени. – посебно подвлече Ѓорѓи Дика, претседател на Македонско-руската стопанска комора.
Од контактите со најголемите и највлијателните деловните асоцијации од Русија и со тамошните државни институции со кои соработува, Македонско –руската стопанска комора посебно е охрабрена со изразениот интерес за продолжување на развојот и збогатување на економската соработка, како и зголемената заинтересираност за купување на македонските производи. Од друга страна, и Република Македонија манифестира интерс за што поголемо присаство на македонски производи на овој пазар.Во организација на Македонско-руската стопанска комора, а со финансиска поддршка на ресорното Министерсто за земјоделство, шумарство и водостопанство дванаесет македонски компании од 17 до 20 септември ќе учествуваат на Националниот штанд на „Мир Питание 2018 (World food 2018)“ во Москва, во барање по деловни партнери во Русија.
На трибината беше оценето дека има потенцијали, можности и интерес за поголем пласман на македонски производи на рускиот пазар.
-Бизнисмените треба да настапуваат со разработена маркетинг стратегија на овој по големина петти пазар во светот.Во Москва се присатни производите од Македонија и проценуваме дека имаат голема шанса за пласман на рускиот пазар.Но мора да има баланс меѓу цената и квалитетот на производите и на тоа посебно треба да се посвети внимание, – истакна Виктор Алексеев, главен експерт за продажба во „Македонски дом“.