ПИ „Витаминка“ од Прилеп, членка на Македонска- руска стопанска комора, планира годинава да оствари вкупен приход од приближно 36,5 милиони евра. Од оваа сума, 52% се планирани да се оствараат на домашниот пазар, а 48% од извоз. Остварувањето на финансискиот план се очекува да ја зголеми добивката на друштвото за 10 до 12%.
Ова е предвидено во планот за работа за 2017 година кој беше усвоен на седницата на Одборот на директори одржана на 27.12.2016 година .
Предвидувањата во планот за работа се базирани врз основа на:
- Реалните пазарни очекувања, продажните проекции и можности за пласман на производите на постоечките и новите пазари;
-Зголемување на продуктивноста и ефикасноста во искористувањето на сопствените ресурси и потенцијали;
- Намалување на поедини групи на трошоци во одредени сегменти во компанијата.
Имајќи ја предвид среднорочната стратегија за развој на друштвото и во 2017 година, „Витаминка“ продолжува со инвестирање со несмалено темпо. Компанијата ќе инвестира во модернизирање и автоматизирање на техничко-технолошките процеси, зголемување на постоечките капацитети, воведување на нови производни линии, градежна реконструкција и адаптација на производни хали и магацини за складирање.
„Витаминка“ приоритетно планира, покрај зголемување на продажбата на домашниот пазар, и поголелемо присуство на нејзините производи на пазарите во балканските земји.