Добра вест за македонските бизнисмени кои извезуваат во Руската Федерација и кои желно очекуваат стабилизирање на тамошната валута. Според најновите  прогнозина  руското Министерство за економија, стабилизирањето на рубљата ќе продолжи во второто полугодие благодарение и на светската конјунктура, така и на интересот кон руската валута. Се очекува годишниот курс да биде 67,2 рубљи за долар. Во првото тримесечје курсот беше 74,7 рубљи за долар, а во вториот – 65,9 рубљи за долар.

На руската валута влијаеше и резултатот од референдумот во Британија. Обновата на интересот за ризични средства во последната недела ја покажа поддршката и на рубљата, сметаат од министерството.

Деновиве  руската рубља поскапе во однос на главните светски валути. Така курсот во однос на еврото се намали под 70 рубли за прв пат по седум месеци, a овој однос на доларот се намали под 63 рубли за прв пат од средината на април оваа година.

Поскапувањето на рубљата во четвртокот се должеше и на зголемените цени на нафтата, кои ден претходно запишаа падови од околу 5%.

Аналитичарот Искандер Луцко од „Sberbank CIB“ изразува сомневање дека во второто полугодие курсот на рубљата ќе достигне 60 рубљи за долар. Според него на крајот на третиот квартал нивото ќе се стабилизира на ниво од 65 рубљи за долар по цена на нафтата сорта Брент од 50 долари за барел.

Во јуни експертот од „Алфа банк“, Алан Казиев посочи дека периодот на стабилност кај рубљата завршува. Тој не исклучува поевтинување до 74,9 рубљи за долар.

Покрај  порастот на цената на нафтата, на зацврстувањето на курсот на домашната валута се очекува да влијае и очекувањето од зголемувањето на извозот на природен гас.Се очекува Русија да  го зголеми обемот на испорака на гас за Европа за две-три милијарди кубни метри за три до пет години.

Тоа го изјави претседателот на Одборот на директори на рускиот „Газпром“, Виктор Зубков.

-Нашите проценки, нашите експерти и нашите долгорочни договори се доказ дека нема да ги намалуваме испораките на гас во Европа. Токму спротивното, ние ќе ги зголемиме, веројатно за две-три милијарди кубни метри,- изјави Зубков, додавајќи за агенцијата ТАСС дека тоа ќе се реализира во периодот од три до пет години.

Побарувачката во Европа за увезен гас ќе порасне за најмалку 100 милијарди кубни метри до 2025 година и можеби за 150 милијарди кубни метри до 2035 година, изјави пред неколку дена генералнот директор на „Газпром“, Алексеј Милер.

Инаку, буџетскиот дефицит на Русија во првото полугодие од 2016 година изнесувал 1,500 милијарди рубљи (23,5 милијарди долари) или 4,0 проценти од БДП.

Во првите пет месеци од оваа година, буџетскиот дефицит изнесувал 4,6 проценти од БДП, соопшти деновиве  руското Министерство за финансии.

Буџетските расходи во првата половина од годината достигнаа износ од 7.400 милијарди рубљи (115,7 милијарди долари), додека приходите изнесувале 5.900 милијарди рубљи (92,5 милијарди долари).