Руската влада ќе ја продолжи политиката на поддршка на извозот на автомобили од домашно производство, изјави премиерот на РФ Дмитриј Медведев.
Програмата за поддршка на извозот на автомобили од домашно производство ќе продолжи, изјави премиерот на Русија Дмитриј Медведев.
Шефот на руската влада го изјави ова на средбата со претседателот на Надзорниот Одбор на „Основен елемент“ Олег Дерипаска. Медведев истакна дека рускиот пазар е „голем, но, се разбира, не е неограничен“, пренесува „Известија“.
Рускиот премиер потсети дека има голем број на држави кои имаат врски со руските производители, вклучително и со Групацијтаа ГАЗ и групацијата „Руски автомобили“ (Русские машины) каде што можат и треба да се испорачуваат автомобили.
Како резултат на ваквата политика Улјановскиот автомобилски завод (УАЗ) планира да ја освои Кина. Компанијата успешно ја помина ревизијата на производството од Центарот за сертификација на квалитет на Кина (CQC).
УАЗ почна да продава автомобили во Кина уште минатата година, но обемите на испорака беа мали. Сега руското претпријатие смета дека ќе го помине процесот на сертификација за четири модели – „Патриот“, „Пикап“, „Хантер“ и „Комби“ – и да ја зголеми продажбата до неколку илјади возила годишно.
Како што се прецизира во официјалното соопштение на УАЗ, во процесот на ревизија на компанијата е спроведена обемна проверка на производствените процеси со кои се обезбедува усогласеност на производите со барањата на CQC. Немаше забелешки, но Кинезите дадоа конкретни препораки за подобрување на системот за контрола на производните процеси и квалитетот на производството.
Сега УАЗ е подготвен да добие одобрувања за типот на транспортното средство, што ќе ги отвори вратите за извоз на возила во Кина без ограничувања на количините, пренесува РИА „Новости“.