„Алкалоид АД“ Скопје, членка на Македонска-руска стопанска комора, оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари–март 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари–март, продажбите достигнуваат 1.781.320.547 денари, што е за 11% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 342.090.242 денари, бележи зголемување од околу 12%, единечната нето-добивка изнесува 203.498.490 денари и е зголемена за 9%.

Во периодот јануари–март, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.332.909.055 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 11%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 9%. Од вкупните консолидирани продажби, 38% се остварени на домашен пазар, додека 62% се остварени на странски пазари.

Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 30%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 8%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23% и на останатите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: В.Британија со продажби од 67.462.665 денари што претставува раст од 4,275%, Русија раст од 36%, Романија раст од 63%, Словенија раст од 28%, Хрватска раст од 5%, Унгарија раст од 369%, Чешка раст од 467%, Албанија раст од 11% итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација и тоа 85%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 20%, кардиолошките препарати со 17%, невролошките препарати со 13%, антибиотиците заземаат 15% од вкупните консолидирани продажби итн.

Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 15% во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 4%, козметика со 8% и билкарство учествува со 3%.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 389.086.951 денари, бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 231.180.196 денари е зголемена за 11%

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-март 2017 година изнесуваат 128.227.342 денари. Во периодот јануари-март 2017 година во „Алкалоид“ се реализирани 30 нови вработувања во Република Македонија.