Според податоците на Државниот завод за статистика, прометот во индустријата остварен на домашниот пазар во април 2017, во однос на април 2016 година, бележи опаѓање од 7.3%, а прометот остварен на странски пазари бележи пораст од 1.4%.
Прометот на индустријата во април е намален за 0,5 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Гледано по сектори, прометот во индустријата во секторот Рударство и вадење камен во април 2017 година, во однос на април 2016 година, бележи пораст од 24.7%, а во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 1.2%.
Според главните индустриски групи, прометот во април 2017 година, во однос на април 2016 година, бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 11.0%, додека опаѓање бележи кај капитални производи за 5.2%, трајни производи за широка потрошувачка за 3.2% и нетрајни производи за широка потрошувачка за 7.4%.
Прометот во индустријата во април во однос на март годинава бележи намалување од 13,4 проценти, додека во периодот јануари – април во однос на истиот период лани има зголемување од осум проценти.
Државниот завод за статистика соопштува дека менаџерите во преработувачката индустрија за наредните три месеци имаат понеповолни очекувања во однос на претходниот месец, а понеповолна е и состојбата на обезбедноста на производството со порачки во мај 2017 година.
Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, а врз основа на оценките на раководителите, залихите на готовите производи се намалени во однос на претходниот месец.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во мај 2017 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а поповолна во однос на мај 2016 година. Се очекува бројот на вработени да остане речиси ист.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2017 година изнесува 64 проценти од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 22,2 отсто, недоволната домашна побарувачка со 19 проценти, недостигот на квалификувана работна сила со 18,1 отсто и неизвесното економско опкружување со 11,2 отсто.