Протекционистичките мерки воведени од Русија се со најсилен ефект врз извозот на ЕУ, потенцијално предизвикувајќи му штета од 12,26 милијарди евра.Но, генерално трговските ограничувања во светот, кои влијаат и на европските извозници, се зголемиле за 10% во 2016 година, предупредува најновиот извештај на Европската комисија (ЕК).

Имено, на крајот на минатата година евидентирани се вкупно 372 трговски бариери во 50 различни трговски дестинации во светот. Според овој извештај, 36 нови ограничувања се воведени во 2016 година, што може да му наштети на извозот на Европската унија, „удирајќи“ го со 27 милијарди долари.

Земјите од Г20 се меѓу земјите кои подигнале најмногу пречки за увоз. Русија (33), Бразил, Кина и Индија (по 23) водат на листата.

Според Комисијата фактот дека земјите од Г20 одржуваат најмногу бариери, е проблематично. Се очекува на претстојната средба на групата во Хамбург таа да ги повика лидерите да се спротивстават на протекционизмот.

Најмногу нови ограничувања во 2016-та година се пријавени во трговските и инвестициските односи со Русија (6 нови) и Индија (5), кој според Комисијата ги потврдува протекционистичките тенденции од претходните години. Пречките во Русија се поврзани со барања за сертификати во фармацевтскиот и цементниот сектор, како и со ограничувања за учество на странски компании во инвестициски проекти, проекти од државни компании. Во Индија бариерите се насочени кон телекомуникацискиот сектор, вината и алкохолните пијалоци и фармацевтската индустрија.

Швајцарија има спроведено три нови ограничувања, а Алжир, Кина, Египет и Турција – по две. Останатите 14 нови трговски пречки се вовоедени од одделни трети земји.

Според оценките на ЕУ, новите трговски ограничувања во 2016-та година потенцијално му наштетиле на извозот на ЕУ до 27,17 милијарди долари. Тоа го надминува вкупниот извоз на ЕУ до трговските партнери како Јужна Африка, Алжир, Украина и одговара на 1,6% од целиот извоз на ЕУ на глобално ниво за периодот 2013 до 2015 година.

Прогнозите покажуваат дека вкупно мерките воведени од Русија, најверојатно се со најсилен ефект врз извозот на ЕУ, потенцијално удирајќи ги трговските текови со сума која се движи до 12,26 милијарди евра. Со најсилни последици следат мерките вовоедени од Алжир (3,75 милијарди евра), Кина (3,7 милијарди евра), Турција (2,69 милијарди евра), Индија (2,2 милијарди евра) и Египет (1,72 милијарди евра).

Анализата покажува дека новите мерки воведени од Русија ги таргетираат секторите во кои извозот на ЕУ во земјата се традиционално силни. Пред воведувањето на барањата за сертификати на фармацевтските производи, на пример, европскиот извоз на лекови достигнуваше 6,1 милијарди евра. Во исто време субвенциите за автомобилска и земјоделска техника може да се одрази на трговските текови во овие сектори со намален годишен извоз за 5,85 милијарди евра од ЕУ кон Русија.

Комисијата забележува дека вложува напори да ги брани европските бизниси против растечките протекционистички тенденции, па во 2016 година се постигнати резултати. ЕК успева да ги врати нормалните трговски односи во 20 различни случаи кои се однесувале на извозот на ЕУ во вредност од 4,2 милијарди евра. Јужна Кореја, Кина, Израел и Украина ја предводат листата на земји со кои е постигнат успех да се намалат или отстранат трговските ограничувања.