Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин го пуштија во употреба гасоводот кој ќе отвори нова извозна рута за рускиот гас во Турција и во Европа. Путин му се придружи на Ердоган во Истанбул (8.1.2020 година) на официјалното отворање на гасоводот „Турски поток“, проект кој е дел од напорите на Москва за намалување на испораките преку Украина.

Изградбата почна во мај 2017 година и чинеше речиси осум милијарди долари. Путин рече дека гасоводот се смета за знак за поврзувањето и соработката за доброто на нивните граѓани, граѓаните на Европа и на целиот свет.

„Турски поток“ се очекува годишно да носи 31,5 милијарди кубни метри руски гас во Турција, од кои половина ќе бидат дистрибуирани понатаму до Балканот и Централна Европа, меѓу кои до Бугарија, Србија и Унгарија. На церемонијата во Истанбул присуствуваа и лидерите на Бугарија и на Србија, Бојко Борисов и Александар Вучиќ.

Русија, инаку, почна да праќа гас во Бугарија, Грција и Северна Македонија по пат на новиот гасовод, објави пред неколку дена  бугарски Bulgartransgaz.

Рускиот „Гаспром“ почна да испраќа околу 3 милијарди метри кубни гас за Бугарија, заменувајќи ја рутата која досега поминуваше преку Украина и Романија. „Гаспром“ преку таа рута минатата година испорачал околу 3 милијарди кубици гас за Грција и околу 500 000 милиони за Македонија, пренесува агенцијата „Хина“.

„Турски поток“  е со две цевководи, а вкупниот капацитет е околу 31,5 милијарди кубни метри гас годишно.

Првиот крак на гасоводот е наменет за снабдевање на домашниот пазар на Турција, а вториот за земјите од јужна и југоисточна Европа, додека капацитетот на секој крак од гасоводот е по 15,75 милијарди кубни метри гас годишно.

Вториот крак од гасоводот оди од Турција низ Бугарија преку Србија, а потоа понатаму до Унгарија, а во план е да се продолжи кон Словачка и Австрија.

По пуштање на компресорските станици во Бугарија и Србија, ќе се обезбеди потребниот притисок за тој гас да тече кон Унгарија и понатаму до централно-европските гасни складишта.

„На сите им покажавме дека ништо не може да застане на патот на политичката волја. Проектот беше завршен многу порано од планираното. Горди сме на резултатот од оваа работа. Ова е стратешки проект кој ќе придонесе за енергетската безбедност на Турција и Европа, за подобрување на животот на милиони луѓе“, рече турскиот министер за енергетика Фатих Данмез.

Тој го нарече „Турски поток“ еден од најважните проекти што ќе помогне да се избегнат ризиците од транспортот на гас.