Речиси две години економијата на Руската Федерација работи во услови на меѓународни санкции.За потсетување на крајот на јули 2014 година ЕУ и САД воведоа санкции против одредени физички лица и компании кои, пак, подоцна преминаа во ограничувања кон цели сектори на руската економија. Во одговор на ваквиот потег, Русија го ограничи увозот на стоки од земјите кои ги воведоа санкции: САД, земјите од ЕУ, Канада, Австралија и Норвешка.Следеше и вртоглаво намалување на цените на нафтата на светскиот пазар, па во целиот сплет на ваквите настани, предвидувањата што доаѓаа од Запад, кои посебно ги форсираше САД, зборуваа за релативно брз пропаѓање на „ограденото“ руско стопанство. Таквите проценки првенствено се базираа на вкоренетото сваќање дека руската држава и нејзината економија виреат и опстануваат благодарејќи на извозот на „црното злато, гас и другите природни богаства“.
Но, и после две години, несомнено разнишаната руска економија, сепак, е „здрава и жива“, компаниите и покрај тешкотиите егизистираат и покажуваат дека во „секое лошо има и арно“. Тоа, арно за руската економија значи нов курс во економската политика и прилагодување кон него на домашните компании, за што зборуваат егзактните статистички податоци.Основните прашања кои сега се поставуваат се однесуваат на тоа колку во ова меѓувреме Русија успеа да ја намали својата зависност од нафтата и колку е направено на полето на поддршката на извозот на „несуровини“, со кои би се компензирала ниската цена на „црното злато“ и на останатите берзански производи на светскиот пазар.
-Покрај вообичаеното мислење дека Русија извезува, пред се, суровини, статистиката го зборува спротивното. Имено, во 2015 година учеството на готовите производи во целосната структура на извозот ја надмина бројката од 50 отсто! Освен тоа, не е сосема коректно тврдењето дека одредени стопански гранки имаат извозен потенцијал, а други немаат.Извозен потенцијал објективно има секој производ кој се бара на надворешните пазари.Во одредени земји се актуелни производите од аграрната индустрија, во други производите од тешката машиноградба, додека трети земји се заинтересирани за руските ИТ програми, – вели Петар Фратков, генерален директор на релативно новоформираниот Руски центар за извоз во интервјуто за „Руска реч“.
Рускиот центар за извоз има задача да ги консолидира механизмите за давање поддршка на извозот, кои со напорите на државата се создадени во изминатите две-три години. Според Фратков, пред појавувањето на Рускиот центар за извоз, имаше различни облици на поддршка кои извозникот можеше да ги добие, доколку сакаше, ама за таквото нешто требаше да се обраќа до различни институции.Денеска е доволно извозникот да дојде само на еден „шалтер“, односно да се обрати до Рускиот центар за извоз, кој ќе ги дефинира потребите на извозникот, ќе му помогне да состави план на делување, ќе му ги собере сите податоци, ќе му избере пазари за пласман, како и потенцијални партнери, а во случај на потреба може да му пружи и финансиска подршка.
Во многу успешни економии во светот постојат слични институции за развој, па очигледно во Руската федерација се користат таквите искуства кои допрва и треба да ги дадат вистинските резултати. На пример, Фратков споменува дека во овој момент Рускиот центар за извоз има добиено преку 800 молби од компании кои се занимаваат со извоз, а за 75 проекти се потпишани индивидуални планови на давање поддршка.Тоа се проекти, според неговото објаснување, врзани за земјите од Азија, Заедницата на незацисни држави, Африка и Јужна Америка, што сугерира на ориентација кон нови пазари вон Европската Унија и другите развиени западни земји.
Поразличен поглед на состојбата во Руската Федерација доаѓа и од „непријателската страна“, преку погледите и мислењата на независни експерти и стручни луѓе. Така, на пример, Хизер Конли, постар заменик претседател на вашингтонскиот политички Центар за стратегиски и меѓународни студии смета дека по санкциите „Русија успеала да ја стабилизира економијата„!
–Тврдењата за слабоста на економијата на Русија се неточни, таа успеа да се стабилизира по санкциите.Мислам дека генерално има едно недоразбирање за слабоста на руската економија, – вели Хизер Конли која меѓу 2001 е 2005 година беше помошник државен секретар на САД, а нејзината изјава ја пренесува РИА Новости, – Очигледно е дека ниските цени на нафтата се причини за слабеење на руската економија, а санкциите на Западот ги интензивираа овие трендови.Меѓутоа во последните две години Русите ја стабилизира економијата.
Нејзините тврдења звучат отрезнувачки во услови на силно пореметените односи меѓу Русија и САД, предизвикани од Украинската криза.
–Постои одреден мит и за тоа дека Русите се слаби за тоа да спроведуваат операции во Сирија и Украина. Мислам дека ние треба конечно да сфатиме дека за подолг период тие успеаа да се стабилизираат, -смета Конли.
Колку Западот тоа порано го сфати, толку тоа е подобро и за меѓусебните односи со Руската федерација, но и воопшто за светската економија.
Подготвил: Саво Пејчиновски