Руските багаташи кои се вбројуваат во 500-те најбогати луѓе во светот го зголемија своето богатство за вкупно 52,9 милијарди долари во последните четири години, објави „Blооmberg”, а пренесува и македонско „Банкарство“.

ББИ индексот на „Blооmberg” за рангирање на милијардерите, се заснова на цената на акциите на компаниите во кои тие имаат удел.

На прво место меѓу најбогатите Руси се наоѓа Владимир Потанин, еден од најголемите акционери на „MMC Norilsk Nickel PJSC”, најголемиот светски производител на паладиум и еден од најголемите производители на никел, платина и бакар.

Богатството на Потанин се зголеми за 8,5 милијарди долари и сега вкупното негово богатство изнесува 28,2 милијарди долари.

Сопственикот на „Novatek PJSC”, Леонид Михелсон, се најде на второто место, со зголемување на богатството за 5,2 милијарди американски долари, така што неговиот имот сега изнесуваат 24,6 милијарди долари. „Novatek PJSC” е најголемиот приватен производител на гас во Русија.

Првата тројка на најбогати Руси ја заклучи сосопственикот на нафтената компанија Лукоил, Вагит Алекперов, чиј капитал се зголеми за 6,2 милијарди долари и во моментов се проценува на 22,3 милијарди американски долари.

Меѓу најбогатите Руси се сопственикот на фабриката за челик „NLMK”, Владимир Лисин, со богатство од 21,3 милијарди долари (зголемување од 3,5 милијарди долари), потоа сопственикот на металуршката компанија „Severstal”, Алексеј Мордашов (зголемување од 2,5 милијарди долари и проценето богатство на 20 милијарди долари), како и Генадиј Тимченко, кој поседува акции во „Novatek PJSC” и „Sibur”, чие богатство се зголеми за 4,4 милијарди американски долари, достигнувајќи вкупно 18,2 милијарди.

Сопственикот на „Metalloinvest” и „MegaFon”, Алишер Усманов, остана на седмата позиција со богатство од 16,7 милијарди долари, што претставува зголемување од 2,51 милијарди долари. Роман Абрамович, сопственик на челичната компанија „Evraz“, остана на осмата позиција. Неговото богатство се зголеми за 2,1 милијарди долари и сега вкупното негово богатство изнесува 16,2 милијарди долари.