Владата деновиве донесе одлука за согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1, со Друштвото за трговија, услуги и производство „Џемдаг Лајтинг Еуропа“.
Ова е прв договор за гринфилд инвестиција според критериумите од новиот План за економски раст кој беше промовиран непосредно пред Нова Година, вреден 5 милиони евра, и предвидува 100 нови вработувања.
Инаку, комапниите што работат во ТИР зоните во текот на минатата година оствариле за 29,2 проценти поголем извоз во однос на 2016 година, а се очекува тој и во наредните години да расте.
-Преземените активности во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во 2017 година, особено во втората половина од годината, бележат позитивни резултати со бранот нови инвестиции и реинвестиции од компаниите во зоните. По објавувањето на Планот за економски раст забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал, одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Република Македонија во 2018 година, – соопштија од Дирекцијата на ТИРЗ.
Оттаму посочуваат дека првпат во зоните се нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат своите врати за домашните инвеститори. Тие сметаат дека во согласност со зголемениот инвестициски интерес пројавен по однос на мерките од Планот за економски раст и најавите за нови инвестиции се очекува извозот од ТИРЗ да има нагорни стапки на раст и во наредните години.
Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај Кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат Тиџарет“ која ќе произведува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори.
-Се реализираат нови инвестиции, се отвораат нови работни места, а со оглед на тоа дека станува збор за извозно ориентирани компании се очекуваат позитивни ефекти во зголеумвање на извозот, – се наведува во соопштението.
Еден инвестициски проект е во завршна фаза и во брзо време се очекува компанијата да ја донесе одлуката за инвестирање по што ќе биде потпишан и договор помеѓу раководството на компанијата и Владата.
Македонската компанија „Хај-Тек“ и германската компанија „Герман Електро Системс“ според најавите, се очекува да започнат со работа во почетокот на 2018 година, додека италијанската компанија „МСА“ е во финална фаза на изградба на новата фабрика.