Специјалистите на „Роснефт“ извршија дупчење на најсеверното пробно место на Источниот Арктик – на брегот на полуостровот Хара Тумус во Хатангскиот залив на Лаптевото море – и открија дека примерокот што го добија е заситен со нафта во која преовладуваат лесни маслени фракции.
„Веќе врз основа на првичните истражувања може да се заклучи за откривање на ново нафтено поле чиј обем на ресурсниот потенцијал се зголемува како што се продолжува со дупчењето“, се вели во соопштението компанијата.
Добиените податоци ѝ овозможуваат на „Роснефт“ да се смета за прв пронаоѓач на нафтено поле на Источниот Арктик.
Од 2012 година, инвестициите на „Роснефт“ во развојот на арктичкиот шелф изнесуваат околу 100 милијарди рубли. Компанијата планира од 2017-2021 да го зголеми обемот на инвестиции до 250 милијарди рубли, пренесува „Взгљад“.
Што ќе се случува во иднина со нафтата во Руската Федерација?Неодамна директорот на „Сбербанк“ Герман Греф изјави дека суровините ќе стасаат само до 2028-2032 година, односно само за 10-20 години. Некои експерти не се согласуваат со тоа.
Во март годинава министерот за енергетика Александар Новак изјави дека Русија поседува истражени резерви на нафта и гас за повеќе од 50 години (трошоците за производството се само 10-15 американски долари за барел) и во прилог на тоа има огромен потенцијал од јаглеводороди, кој се наоѓа на арктичкиот гребен.
„Со чудење читам секакви големи материјали за тоа дека нафтата во Русија наскоро ќе заврши и дека сè е загубено“, вели во едно интервју за ТАСС министерот за природни ресурси и екологија Сергеј Донској. „Треба да биде јасно: оценуваните традиционални резерви на горива ќе ни стигнат минимум за уште 30 години. И тоа доколку во геологијата не се вложува и не се применуваат нови технологии. А, ние годишно вложуваме, затоа по 30 години ќе имаме за уште толку“.
Всушност, во западен Сибир дел од наоѓалишта се блиску до исцрпување. Но, во Русија има голем број големи, според меѓународните стандарди, наоѓалишта со резерви од милијарди барели. Само засега оваа нафта не е вклученa во билансот. На пример резервите на нафта во шелфот на Западносибирскиот басен се проценуваат на 3.6 милијарди барели, а оние од шелфот на Баренцово Море на 7.4 милијарди.
Во овие региони, сепак треба да се создаде, фактички од нула, целата нафтена инфраструктура, забележува Роман Ткачук од брокерската компанија „Алпари“. Покрај тоа, нафтените претпријатија треба да обезбедат кредитирање што кај тековните ниски цени на нафтата не е пожелно. А, и треба да се привлечат странски партнери, за да се осигурат пазарите за реализација на производството.
„Најголемата последица од револуција на шкрилци во САД е тоа што таа покажа постоењето на неконвенционална нафта. Ова е нов вид нафта, која овозможи новите резерви да бидат вклучени во билансот. Ова се однесува не само нафтата од шкрилци, но и екстракција на нафта од битуменски песок итн.“, вели Симонов.
Јасно е дека трошоците за производството на неконвенционална нафта ќе бидат повисоки, а и допрва треба да се истражува. Засега шелфовите се исклучително слабо проучени. „Но, едно е кога поседувате поскапа нафта, а сосема друго е кога немате никаква. На пример, Јапонија нема, а ние имаме. Америка поседува нафта од шкрилци, Канада од битумен, а ние го имаме Бажен западен Сибир и шелфовите“ забележува Симонов.
Покрај тоа, периодот на ниски цени на нафтата нема да е вечен. А, и за извлекување од шелфовите не се потребни 100 американски долари за барел. „Според нашите пресметки повеќето проекти во Источен Сибир и на шелфот стануваат ефективни при цени на нафтата во опсег помеѓу 60 и 80 американски долари за барел. Но, освен тоа, за експлоатација на шелфот на Арктикот е потребно да се интегрираат напредни технологии, какви што поседуваат западните земји. Затоа разработката може да запне на прашањето за укинување на санкциите“, вели Роман Ткачук.
Ако нафтата од типот Брент сепак продолжува да се тргува на цени под 60-70 американски долари, тогаш руските компании ќе бидат принудени да продолжат да го „цедат сокот“ на наоѓалишта во западен Сибир и Ханти-Мансијскиот автономен округ, со дупчење дополнителни сонди.