По одлуката на Русија гасот да се плаќа во рубљи и по пауза од два месеца, оваа валута се врати на курсната листа на Народната банка на Република Северна Македонија. Со ова се овозможува и тргување со оваа валута.

Според денешната курсна листа (28.4.2022 година), соодносот рубља – денар е 1: 0,7866, односно 1 рубља се менува за 0,78 денари.

Рубљата ја немаше на официјалната курсна листа на земјава  од 2 март годинава.

– Можат да се прават трансакции во рубљи за плаќање на рускиот природен гас ако е тоа потребно, потврдува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска–Бежоска. – Сите предуслови се создадени и не гледам дека треба да има некоја пречка за плаќање на начин на којшто е потребно.

Гувернерката посочи дека воопшто не постојат никакви регулаторни пречки за редовна достава и плаќање на гасот.

– Се што беше до Централната банка како регулатива веќе е подготвено. Во текот на минатиот месец направена е измена и компаниите кои се увозници на гас немаат никаква пречка во делот на навременото снабдување, порачува Ангеловска–Бежоска.