Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Германија останува водечки руски економски партнер и покрај санкциите, додавајќи дека трговската размена на двете земји е зголемена за повеќе од 40 проценти од почетокот на годината.
-Русија сака да соработува со Германија на принципите за взаемна корист, почитување, еднаквост и уважување на меѓусебните интереси. И покрај познатите политички несогласувања и промени во глобалното опкружување, Германија и понатака е водечки надворешно-трговски партнер на нашата земја, – изјавил Путин по разговорот со германската канцеларка Ангела Меркел.
Според Путин, Германија е најголемиот купец на руски гас, кој покрива речиси 35 проценти од германските потреби.
Путин изрази надеж дека поголем број на германски бизнисмени ќе се појават на меѓународниот економски форм во Санкт Петербург (SPIEF) оваа година во однос на минатата.
-И покрај санкциите кон Москва, воведени од ЕУ и САД, трговската размена меѓу Германија и Русија во првите два месеци од 2017 година пораснала за 43 отсто во споредба со истиот период лани, – се вели во извештајот и на германско – руската трговска комора.
Во бројки, вкупната трговска размена во јануари и февруари го достигнала нивото од 6,7 милијарди евра. Кај германскиот извоз, растот е 26 отсто, а кај рускиот извоз растот е на ниво од 55 отсто, се вели во извештајот, кој цитира анализи на германската царина.
Според германско-руската трговска комора подобрените трговски односи меѓу двете земји се должат на подобувањата на перформансите на руската економија и на порастот на цените на нафтата и нафтените деривати.
Германија е еден од најголемите поддржувачи на санциите воведени од ЕУ и САД кон Русија поради нејзината улога во кризата во Украина.