Русија не планира да одобри производство на прехранбени производи кои содржат генетски модифицирани организми (ГМО), затоа што нема потреба од нивно користење, изјави во интервјуто за весникот „Росијскаја газета“ заменик-министерот за земјоделство на Руската Федерација, Оксана Лут.
Сега во Руската Федерација е со закон забрането да се одгледуваат култури со ГМО, истакна таа.
-Во најскора, па дури и во среднорочна перспектива лесно ќе преживееме и без ГМО. И себеси ќе си обезбедиме доволно храна, и ќе извезуваме намирници на странските пазари. Нам ГМО сигурно не ни треба, – рече заменик-министерот.
Во рамките на петгодишниот план за развој на агроиндустрискиот сектор е планирано да се воведат во експлоатација 5 до 10 милиони хектари обработлива површина, што ќе овозможи земјоделското производство да се зголеми без користење ГМО. Исто така непрекинато се работи на зголемување на приносите, објаснува Лут. Покрај тоа, планирано е сточната храна од странство, која често содржи ГМО, да се замени со храна од домашно производство.
-Во рамките на петгодишната програма ќе биде зголемено сеењето соја. Постои посебна програма за рускиот Далечен Исток, – наведе пример заменик-министерот.
Засега се изнесуваат различни ставови за влијанието на ГМО врз здравјето на човекот. Меѓутоа, има мислења дека трансгенетските прехранбени производи можат да го оштетат здравјето, истакна таа и додаде дека според тоа, ако постои можност, треба да се избегне примената на трансгенетски производи.(Руска реч)