Извозот на руски јаглен во 2017 година ќе порасне за 8% во споредба со минатата година и ќе достигне 185 милиони тони, изјави во интервју за ТАСС  заменик-министерот за енергетика на РФ Анатолиј Јановски.
„Во 2017 година исто така очекуваме пораст на извозот на јаглен за 8%, на 185 милиони тони, во најголемиот дел во земјите од Азиско-тихоокеанскиот регион (АТР)“, изјави тој. Според него, порастот ќе биде постигнат со зголемување на квалитетот на јагленот и флексибилната ценовна политика на компаниите.
Притоа како најперспективни правци за Русија Јановски ги наведе Индија, Јужна Кореја и Јапонија. Испораките на јаглен во Кина остануваат стабилни.
„Прогнозираме дека извозот во земјите на АТР секоја година ќе расте за 4-5 милиони тони годишно. На тој план имаме добри можности, затоа што добиваме поквалитетен јаглен од нашите конкуренти“, изјави Јановски.
Тој исто така истакна дека обемот на испораките во западен правец ќе биде или стабилен, или ќе почне да се намалува. „Во источен правец регистрираме постојан раст“, констатира тој.
Русија годинава ќе постигне рекордно производство на јаглен – 400 милиони тони, истакна Јановски. Во споредба со 2016 година растот ќе изнесува 4%.
Колку се придава значење на овој  сектор од руската енергетика покажува и фактот што лично шефот на руската држава им го честиташе на рударите Денот на рударот, додавајќи дека во 2017 година држава во развојот на индустријата на јаглен ќе вложи 90 милијарди рубли (1,2 милијарди долари).
Во развојот на индустријата за јаглен годинава во Русија ќе бидат вложени 90 милијарди рубли, изјави претседателот на Русија Владимир Путин. Во салата за банкети на Кремљовскиот дворец шефот на руската држава на работниците во индустријата за јаглен им го честиташе на 24 август Денот на рударот, притоа изразувајќи длабока почит спрема нивната работа.
„Огромните количини и големата разновидност на резервите на руди кои и има нашата земја историски го одредија нејзиното место меѓу водечките земји во рударската индустрија. А еден од големите дарови на руската земја е јагленот“, рече Путин, додавајќи дека Русија има резерви на јаглен за повеќе од 500 години.
Путин соопшти дека минатата година во развојот на рударскиот сектор се вложени преку 73 милијарди рубли. „За оваа година е планирано да се вложат 90 милијарди рубли. Средствата на инвеститорите се вложуваат во модернизација на претпријатијата, во воведување современи еколошки технологии, во создавање услови за безбедна, сигурна работа на рударите, во решавање на социјалните проблеми, како и во обезбедување на пласман во сферите како што се машиноградбата, градежништвото и сообраќајот“, истакна рускиот лидер, пренесува ТАСС.
Успесите на оваа индустрија, како што истакна Путин, влијаат на јакнењето на енергетската безбедност и суверенитетот на Русија.
Шефот на руската држава истакна дека според сите прогнози јагленот со децении ќе биде меѓу трите основни извори на енергија и дека Русија, која има огромни резерви на овој енергенс, цврсто ќе ја држи позицијата на лидер.