Бруто домашниот производ (БДП) на Русија се зголеми во април за 10,7% на годишно ниво, соопшти  Министерството за економски развој, кое предвидуваше „невообичаено висок“ раст на БДП и за мај.

Иако економијата закрепнува побрзо од очекуваното, пологично е да се спореди нејзиното темпо со нивото од 2019 година, изјави министерот за економски развој, Максим Решетников, за весникот „Известија“. Министерството предвидува економски раст од 2,9% за оваа година.

 -Сосема е природно дека податоците за БДП за мај ќе бидат невообичаено високи во споредба со мај 2020 година, кога ограничувањата беа сè уште остри“, – рече Решетников, додавајќи дека „економијата закрепнува подобро од очекувањата, покажувајќи стабилност“.

 Таквата позитивна динамика треба да биде поддржана од „системски промени и нови инвестициски проекти“, додаде министерот. Тој посочи дека главниот фактор на ризик за руската економија е состојбата на светската економија, која во последно време е изложена на флуктуации.(Русија денес)