Руската индустрија не само што ја преброди минатогодишната криза со многу помалку последици од европските земји, туку и оствари завидни резултати во областа на преработувачката индустрија. Увозот во споменатиот сегмент е двојно намален, а уделот на домашното производство е зголемен на 60 отсто. Каде точно е постигнат успех и кои проблеми допрва треба да се решат?

Руската преработувачка индустрија успеа да го достигне нивото од 2019 година веќе при крајот од минатата година, и покрај затворањето и проблемите.

„Нашата преработувачка индустрија беше погодена од кризата многу помалку од европските земји. Целокупната европска индустрија во април ги забележа најниските резултати во последните 25 години. Во нашата земја тој пад беше под 8 отсто, а веќе во јуни и двојно помал. Покрај тоа, на крајот на годината не само што го компензиравме падот, туку и го достигнавме нивото од 2019 година“, рече премиерот на РФ Михаил Мишустин.

Згора на тоа, Русија успеа да направи сериозен исчекор во замената на увозот во областа на преработувачката индустрија.

„Константно работиме на сé поголема замена на увозните производи во најразлични области од нашата индустрија. Пред сé во преработувачката. Уделот на домашното производство во тие сектори минатата година значително порасна и сега изнесува околу 60 отсто“, напомена рускиот премиер.

 Производството во преработувачката индустрија беше дури и поголемо во однос на минатогодишното за 0,3 отсто.

Ефикасен инструмент за намалување на увозот претставува Фондот за развој на индустријата, кој поддржа стотици антиковид проекти во вредност од 30 милијарди рубли, како и проекти од областа на автомобилската индустрија и производството на земјоделска механизација. Мишустин се осврна на контактите со пронаоѓачите на алатни машини за време на патувањето во Чувашија.

„Тоа беше извонредна посета, во секој случај, ме израдува колку интересни работи можат да се најдат, простете, сé уште, во остатоците на индустриското производство што се зачувале во земјата“, рече тој.

Како пример тој го наведе рускиот мотор ПД-14 за авионот МС-21, како и домашните гасни турбини ГТД 110М со голем капацитет. Минатата година новиот руски авион го изврши својот прв лет со мотор од руско производство ПД-14. Тоа е голем напредок на руската индустрија за мотори и воздухопловната индустрија. Моторот е најсложениот и најскапиот дел на авионот МС-21. Само неколку земји во светот, а меѓу нив е и Русија, се во можност да направат свои мотори за авион.

Во авионите МС-21 се вградува и американскиот мотор PW1400G-JM на компанијата Pratt & Whitney. Меѓутоа, замената на овој увозен мотор беше исклучително важна. Така што забраната Американците да ѝ испорачуваат авионски мотори на Русија нема да го осуети рускиот проект.

Развојот на домашната гасна турбина со голема моќност ГТД 110М е многу важна фаза на замената на увозот. Токму поради отсуството на сопствени турбини Русија за малку не остана без проект за изградба на две нови термоцентрали на Кримскиот полуостров. Москва мораше да купи германски турбини „Сименс“, и тоа не од производителот, туку на секундарниот пазар, за да ги заобиколи американските санкции.

Русија сега има свои гасни турбини со голем капацитет. Основната етапа на тестирање на првата таква турбина заврши уште во 2019 година и тогаш започна експерименталната индустриска експлоатација на турбината во електраната „Иваново“.

Во преработувачката индустрија освен машиноградбата спаѓаат и прехранбената индустрија, текстилната, хартиено-целулозната и хемиската.

„Во рамките на преработувачката индустрија, во тој ни најмалку лесен период, релативно добро поминаа хемиската и прехранбената индустрија, односно оние области што се развиваа со поддршка на државата на линијата на замена на увозот и големата домашна побарувачка. Фармацевтските производи и медицинската опрема се посебна приказна од разбирливи причини“, вели Олег Каленов, доцент на Катедрата за економија на индустријата на Рускиот економски универзитет „Плеханов“.

Во прехранбената индустрија се забележува успешна замена на увозното сирење со домашно производство.

„Уделот на руските сирења значително порасна. Денес тој изнесува повеќе од 75 отсто, додека во 2014 година, на пример, беше на ниво од 50 отсто“, напоменува Дмитриј Леонов, еден од челниците на „Руспродсојуз“ (рускиот синдикат на производители и добавувачи на прехранбени производи) .

Меѓу најновите успеси тој го издвојува растот на домашниот пазар на шампињони. „Русија порано беше нето увозник на култивирани печурки. Сега не само што го зголеми производството, туку и интензивно ги извезува своите производи“, наведува Леонов. Според оцената на консултантската компанија „Центар“, Русија лани тројно го зголемила извозот на шампињони на 2,1 илјади тони. Вкупно биле произведени повеќе од 65 илјади тони или 14 проценти повеќе во однос на 2019 година. Увозот притоа не бил поголем од 20 тони. (РУСКА РЕЧ)