Централната банка на Руската Федерација во февруари купила 356.000 унци злато, со што станала најголем купувач на тој драгоцен метал меѓу централните банки во светот.

Руските девизни резерви   до крајот на март се зголемени за додатни 5,8 милијарди долари, на 386,9 милијарди долари, пишуваат руски медиуми повикувајќи се на податоците од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Меѓународните резерви на Руската Федерација, се состојат од странски валути, специјални права на повлекување и резервни позции кај ММФ и монетарното злато, – наведува „Раша тудеј“.

Вицегувернерот на руската централна банка Дмитриј Тулин во јуни лани изјави дека централната банка планира да ги зголеми меѓународните резерви на 500 милијарди долари во период од три до пет години.

Во ноември 2014 година, централната банка премина на флуктуирачки девизен курс и почна да ги зголемува резервите кои во почетокот на 2015 година достигнале 510,5 милијарди , наведва „Раша тудеј“.

ММФ уште не ја вклучи Кина во статистичките податоци за февруари, но кинеската централна банка извести дека минатиот месец купила 320.000 унци злато.

Најголем продавач на злато била Турција, која продала околу 1,2 милиони унци, што е еднакво на седум одсто од вкупните златни резерви.

Канада, која е меѓу водечките десет светски произведувачи на злато, ги продала сите свои резерви , задржувајќи симболични 100 унци злато.

Портпаролот на канадското министерство за финансии Дејвид Барнабе изјави во февруари дека канадската влада донела одлука да го диверзификува своето портфолио и да го продаде златото.