„Агролозар“ од Хамзали крај Струмица дури четри петтини од своето производство на праски го транспортира на пазарот во Руската Федерација.Штотуку започна извозот  на овој голем пазар и компанијата  и годинава очекува успешен пласман без некој поголеми проблеми.Со оглед на засилените контроли на квалитет на  увозот на коскесто овошје од Република Северна Македонија на овој пазар, амбасадорот на Руската Федерација во земјава Н.Е. Сергеј Баздникин заедно со извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, м-р Дејан Бешлиев, беа во посета на “Агролозар“ и винаријата „Далвина“. Гостите ги посетија плантажите на компанијата во придружба со сопственикот Делчо Балтоски и на самото место се уверија во квалитетот на праските и на останатото производство.
-Последниве години и рускиот пазар е особено значаен за компанијата.Покрај праски, во Русија пласираме и трпезно грозје и вино во големите ланци на маркети „Петочка“ и „X5 ретаил груп“.Редовно учествуваме на саемските манифестации и другите бизнис средби што ги организира Македонско-руската стопанска комора и немаме проблеми со пробивот и пласманот на овој пазар, – истакна Делчо Балтоски.
Гостите беа запознаени дека компанијата „Агрохемија“ за пласман  на семенски материјал и средства за заштита на растенијата постои од 1992 година.Во 2003 година компанијата го купува „Агролозар“, а четри години подоцна ја отвора винаријата „Далвина“.Со постојано инвестирање компанијата станува голем производител на земјоделски производи и вино, носечка во струмичкиот регион. Покрај 150 хектари стари насади, за неколку години се подигнати  нови насади на површини од 220 хектари под винско и 75 хектари под трпезно гројзе, 75 хектари под праски, 20 хектари под нектарини, 11 хектари под сливи…Компанијата има 260 вработени, а производството се врши на најсовремен начин.
– „Далвина“ е просперитетна винарија со колективен склад и капацитет на продукција од 50.000 хектолитри. Користиме традиционален ‘деластаж’ процес при изработката на црвените вина. Автоматизираното прелевање, понирањето на ферментационата капа, ја подобрува бојата и го овозможува изнесувањето на аромите. Нашата цел е да ги извлечеме и опфатиме единствените особености на грозјето, почвата и микроклиматските карактеристики на областа во виното. – раскажува Балтоски, – Нашите вински полиња и винаријата се лоцирани во близина на градот Струмица, југоисточна Македонија, во Струмичко-Радовишкиот вински регион. Ова е познатата Струмичка котлина и долината на реките Струма и Струмешница, во која преовладува Медитеранска клима. На надморска височина од околу 380 метри, опкружени со високите планини Огражден и Беласица, во лозовите насади е забележливо лесно ветре преку целата година. Просечната температура во периодот на вегетација изнесува 22 целзиусови степени. Со 210 сончеви денови, малку дождови и ниска релативна влажност на воздухот – здравите гроздови се основна карактеристика на регионот, но и на врвните вина што излегуваат од оваа винарија.
Најмногу вино се пласира во ех – ЈУ државите и Кина, но љубителите на Бахусовиот пијалок од Канада и Јапонија се послужуваат со производите на „Далвина“.Во иднина очекувањата се и за значително повискок пласман на вино и во Руската Федерација.
                                                                        Саво Пејчиновски