По сѐ изгледа руските бизнисмени решиле да ги повлечат парите од оф-шор зоните. Најмногу пари во Русија се префрлени од Бахами, од (британските) Девствени и Бермудски острови. Исто така по милијарда или нешто повеќе американски долари се стасани од Германија, од Франција и од Велика Британија.
Во текот на 2015 година најмногу директни инвестиции се вложени во Русија од Бахами – вкупно 5.23 милијарди американски долари. На второ место се британските Девствени острови (2.5 милијарди американски долари), а на трето Бермудски острови (1.9 милијарди американски долари). Ова го потврдуваат податоците од руската Централна банка објавени кон крајот на мај. Според нив, приливот на средства од оф-шор зоните расте веќе втор година. На пример, обемот на инвестиции кои пристигнуваат од Бахами во 2015 година пораснал за 43%.

              Борба против оф-шор зоните

Од друга страна забележан е одлив на капитал во Луксембург и на Кипар, односно во земјите кои најчесто се користат за транзит на средства. Компаниите регистрирани на Кипар имаат изнесено од Русија најмногу пари – вкупно 7.2 милијарди американски долари, додека во Луксембург заминале 5.8 милијарди американски долари.
По години:
2015. 4.839 милиони американски долари
2014. 22.031 милиони американски долари
2013. 69.219 милиони американски долари
2012. 50.588 милиони американски долари
2011. 55.084 милиони американски долари
2010. 43.168 милиони американски долари
Но, и во овој случај не станува збор за одлив на инвестиции во вистинската смисла на зборот, ами за гаснење оф-шор компании кои им припаѓаат на државјани на Русија, соопштува рускиот бизнис-весник „Ведомости“, повикувајќи се на изјава од функционер од Министерството за финансии на РФ. Во текот на изминативе две години во Русија се води интензивна борба против оф-шор зоните, па на крајот претставниците на крупниот бизнис почнаа да ги враќаат своите инвестиции во својата земја. Ваквите операции во определени услови можат дури и да бидат ослободени од данок до 2018 година.
„Русија се согласи до 2018 година заедно со останатите држави да пристапи кон исполнување на меѓународните барања за финансиска транспарентност и автоматска размена на податоците кои се однесуваат на даночните прашања, што во голема мера го отежна користењето на оф-шор компаниите“, објаснува потпретседателот на меѓународната финансиска компанија „Фајненшал сентар“, Станислав Вернер.
Во декември 2015 година во Русија беше регистрирана основаната структура „Волга груп“ на Генадиј Тимченко, а претходно неговите активи припаѓаа на кипарската компанија „Волга ресорсес Лтд“ и на луксембуршката „ВРН Сарл“.

                 Најбогатиот човек во Русија

Кон крајот на 2014 година, пак, основната компанија на милијардерот Алишер Усманов „УСМ Холдингс“ исто така ги реструктуираше своите активи, така што контролниот пакет на мобилниот оператор „Мегафон“ и на металуршката компанија „Металоинвсет“ беа префрлени во руските структури.
„Оф-шор зоните се користат како механизам за оптимизација на данокот, за прикривање на вистинскиот сопственик, па дури и за заштита на интелектуалната сопственост“, вели Емиљ Матиросјан, доцент на Институтот за бизнис и деловна администрација при Руската академија за народно стопанство и државна администрација.

            Водечки земји по приливот на средства

Меѓу петте земји од кои се бележи најголем прилив на инвестиции се Франција (1.634 милијарди американски долари) и Германија (1.42 милијарди американски долари), додека на шестото место се наоѓа Велика Британија (1.03 милијарди американски долари). За споредба, обемот на азиските инвестиции е значително помал и во голем број случаи минатата година беше значително намален. На пример, вкупниот износ на инвестициите од Кина е повеќе од двојно намален во тек на една година (од 1.271 милијарда на 571 милион американски долари), додека инвестициите од Кореја од 130 паднаа на 116 милиони американски долари. Од друга страна, пак, инвестициите од Јапонија се зголемени од 295 на 447 милиони американски долари.
По земји во 2015 година:
Бахамски острви +5.201 милиони американски долари
Девствени острови +2.522 милиони американски долари
Бермудски острви +1.932 милиони американски долари
Франција +1.634 милиони американски долари
Германија +1.420 милиони американски долари
Велика Британија +1.030 милиони американски долари
Кина +571 милиони американски долари
САД +202 милиони американски долари
Кореја +116 милиони американски долари
Италија +73 милиони американски долари
Луксембург -5.757 милиони американски долари
Кипар -7.176 милиони американски долари
 (Руска реч)