На крајот на 2021 година сумата на рускиот извоз ќе надмине половина билион долари, прогнозираат стручњаците на банката Citi. Вредноста на стоките извезени во странство веќе се приближи на максимумот во однос на долгогодишниот период, а најважните суровини и понатаму поскапуваат, се вели во аналитичката белешка „Тешко дека рекордниот промет на стоките ќе ја подигне вредноста на рубљата“ со чија содржина е запознаен весникот „Ведомости“.

Податоците од царината покажуваат дека извозот кон крајот на јули достигнал 187,4 милијарди долари, со тоа што во јули се извезените стоки во вредност од 48,9 милијарди долари (што значи дека годишниот раст е речиси удвоен). Минатиот пат вредности поголеми од овие беа забележани во декември 2013 година (49,6 милијарди долари).

Аналитичарите на банката Citi сметаат дека причината се крие во растот на цените на суровините, пред сé на нафтата и на гасот. Цената на нафтата од марката „Брент“ кон крајот на септември се доближи на тригодишниот максимум, додека цените на гасот во Европа ги рушат рекордите, надминувајќи 1100 долари за илјада кубни метри. Растот на извозот во оваа година ќе продолжи благодарение на заздравувањето на светската економија и сé поголемите цени на енергенсите, смета Александар Даниљцев, директор на Институтот за трговска политика на универзитетот „Висока школа за економија“. Додуша, кон крајот на година можат да се појават симптоми на забавување на растот, затоа што цената на горивата ќе биде под притисок ако зимата не биде енормно студена.

И покрај тоа што високите цени на суровините предизвикаа раст на приходите (и на компаниите и на буџетот), аналитичарите на наведената банка не очекуваат посериозно јакнење на курсот на рубљата. Според нивните процени, речиси целиот потенцијал на јакнење на руската валута е анулиран со купувањето девизи по буџетски принцип. Министерството за финансии на РФ од јануари до септември реализираше соодветни трансакции во вредност од речиси 1,8 билиони рубли.

Во долгорочна перспектива извозот на руски суровини може да биде загрозен. Поради тоа Министерството за финансии на РФ во иднина дозволува можност за „катастрофален“ пад на светската побарувачка на нафта, што може да биде предизвикано од преминувањето на електрична енергија во многу земји. „Долгорочните перспективи на побарувачката на нафта стануваат сé понегативни. Цела низа земји најави дека зависноста од фосилно гориво ќе биде неутрализирана до 2050 година (во Кина до 2060 година), и ако тие мерки бидат пропишани со закон, па и други земји тргнат по тој пат, тогаш побарувачката на нафта катастрофално ќе опадне“, се вели во извештајот на Министерството за финансии на РФ.(Руска реч)