Руските граѓани наскоро ќе се тушураат и со бојлерите на „Леов компани“ од Велес.Најголемиот македонски  производител на бојлери веќе e во поодминати преговори со руските компании „Санте гас“ и „Рос Климат“, испратени се мостри од производите и се очекува за брзо време да се воспостави деловна соработка.„Санте гас“  е заинтересиран за замена на пет и десетлитарските бојлери кои ги увезува од Кина со велешките производи бидејќи се со повисок квалитет. „Рос Климат“, пак,  очекува со помош на „Леов компани“ да почне заеднички да извезува бојлери под заеднички бренд во земјите од источна Европа за која велешкиот производител има лиценца. „Леов компани“ е меѓу двесте најголеми извозници од Република Северна Македонија, а неговите бојлери се пласираат во повеќе од 25 земји во светот. Третина од нивното производство патува за соседна Грција, а големи узозници на нивните бојлери се и компании од Австрија, Полска и Косово.
 
            Ова го го истакна Златко Леов, извршен директор на „Леов компани“,  при посетата на Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Република Северна Македонија и Владимир Хрисанфов,  трговски советник при Амбасадата на велешката компанија. На  разговорите со топ – менаџментот  на „Леов компани“ учествуваа и Ѓорѓи Дика, претседател и м-р Дејан Бешливе, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, која ја организираше посетата во една од своите најактивни членки.
            -Не радува фактот што велешкиот производител тргнува во освојување на рускиот пазар и подготвени сме да помогнеме со сите сили во тој бизнис  потфат, –  ги охрабри домаќините Серген Александрович Баздникин.
            „Леов компани“, која е основана пред 35 години, несомнено е упатена на натпревар со конкурентите на светскиот пазар. Капацитетот на двете фабрики и погонот  во Велес и Битола е димензиониран за производство на 600.000 бојлери годишно, лесно може  таа бројка дури и да се вдвои, но сега се произведуваат 400.000 бојлери со разни енергии на загревање,  димензии и форми.И покрај тоа што компанијата снабдува дури 70 отсто од пазарот во земјава, тоа е само едно иппол месечно производство.Затоа е трката за освојување на странските пазари, а во  остварување на таквата деловна филозофија најголемата помош е квалитетот на производите.
            -Тоа што извезуваме најмногу во Европската унија го потврдува високиот квалитет што го обезбедуваме во нашето производство, „опремени“ со највисоките стандарди кои важат во оваа индустрија.Засега нашите бојлери на истокот патуваат во Украина и Грузија, а наскоро се надеваме  и во Руската Федерација. Не се плашиме од кинеската конкуренција која е присутна во тој дел на светот, бидејќи и тие почнаа да се прилагодуваат на потрошувачите кои веќе бараат производи со висок квалитет, нагласи Златко Леов, додавајќи дека набрзо ќе почнат и со испораки и  во Скандинавските земји.
Извозот во Русија како најголем проблем  во овој момент ги има високите царински стапки, но според комерцијалниот директор Никола Арсовски, сепак, има простор за конкурентска борба.
Ако квалитетот и високите стнадради се големата поддршка за настап на странските пазари, „Леов компани“ како закана за зголемување на производството и искористување на инсталираните капацитети го гледа во недостигот на работна рака.
-Засега се вработени 350 лица,  а платите се движат од 12.200 денари па нагоре.Старосната структура  изнесува 37 години.Меѓутоа, дневната миграција од Велес кон Скопје  заради близината на главниот град изнесува 2.500 луѓе, па работници се бараат „под дрво и камен“.Во нашите фабрики секој втор вработен е жена, а дури  40 отсто од вработените  се инвалиди.Тоа бара посебен ангажман во нивниолт третман, но битно е што остваруваме сигурност во работната снага, – објаснува Начо Жаров, директор на производство во „Леов Компани“.
           
Гостите од Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, заедно со претставниците на Македонско-руската стопанска комора,  ги разгледаа погоните на компанијата и ветија комплетна поддршка и помош во заокружување на настапот на „Леов компани“ на рускиот пазар.
                                                                                               Саво Пејчиновски