Советот на Европската Унија и официјално ги „продолжи економските секторски санкции против Руската Федерација  за уште шест месеци, односно до 31 јануари 2017 година“.

Ова се вели во изјавата на Советот на Европската Унија. Одлуката за ова официјално стапи на сила на 2 јули, по нејзиното објавување во Официјалниот билтен на ЕУ.

„Советот на ЕУ ги продолжи економските санкции кои се насочени кон одделни сектори на руската економија за шест месеци до 31 јануари 2017 година“, се вели во изјавата. Оваа одлука има чисто технички карактер – политичката одлука за продолжување на санкциите беше донесена на 21 јуни на заседанието на Комитетот на ЕУ на ниво на постојани претставници.

ЕУ планира да организира голема дискусија за односите со Руската Федерација и за понатамошната судбина на своите санкции оваа есен.

Претходно германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека продолжувањето на ограничувачките мерки во однос на Русија кои беа воведени поради ситуацијата во Украина се неопходни.

Како одговор на донесената одлука, претседателот на Руската Федерација Владимир Путин го потпиша указот за продолжување на ембаргото за увоз на прехранбени производи од ЕУ од 6 август 2016 година до 31 декември 2017 година.

Во услови на санкции, дефицитот на руската каса за првите 5 месеци од годинава достигна 1,5 трилиони рубљи (23,37 милијарди долари). Бројките се цитирани од официјална информација од ревизорскиот завод на земјата.

Во извештајот уште се наведува дека приходите на федералниот буџет на Русија за периодот паднале за 13,4% и биле 4,6 трилиони рубљи (71,68 милијарди долари). Во исто време расходите на руската каса од почетокот на годината до крајот на мај биле 6,1 трилиони рубљи (98,05 милијарди. долари).

Пред извесно време од Министерството за финансии на РФ најавија дека расположливите средства во резервниот фонд на земјата во јуни паднале за речиси 1 отсто до 38,22 милијарди долари. Златно-девизните резерви на земјата се проценуваат на околу 396 милијарди долари.

Централната банка на Русија прогнозира пад на БДП за вториот квартал во рамките на 0,2-0,5%