Гасовод „Северен тек 2“ е завршен, соопшти рускиот концерн за гас „Гаспром“. Изградбата на „Северен тек 2“ е завршена изутринава (10.9.2021 година), изјави шефот на „Гаспром“, Алексеј Милер. Последната цевка од гасоводот била поставена на 6 септември, а потоа биле поврзувани деловите од гасоводот.

Изградбата на гасоводот доцни над година и половина. За да се употребува, неопходна е уште сертификација од страна на германските власти. Се очекува „Гаспром“ низ новиот гасовод да пушти гас за Германија во октомври.

Изградбата на гасоводот, кој инаку требаше да биде готов на крајот на 2019 година, се одолговлекуваше пред сѐ поради отпорот од страна на САД, кои се заканија и воведоа санкции. Американската влада критикува дека Европа на овој начин станува зависна од Русија во делот на снабдување со енергија. Според еден германско-американски договор, против Русија ќе бидат воведени санкции доколку таа го користи гасоводот како геополитичко „оружје“.

„Северен тек 2“ почна да се гради во 2018 година. Низ гасоводот треба да минуваат 55 милијарди кубни метри гас годишно – од Русија преку Балтичко Море до Германија.

Според најавите, со гас од овој гасовод би требало да се снабдуваат околу 26 милиони домаќинства. Трошоците за изградба на гасоводот долг 1230 километри изнесуваат над 10 милијарди евра. Половина од стредствата за финансирање ги обезбеди „Гаспром“, а другата половина пет европски компании – ОМВ, „Винтершал“, „Енџи“, „Унипер“ и „Шел“.