Mакедонскиот финансиски систем беше стабилен и во 2015 година, и покрај надворешните и внатрешните случувања коишто ја тестираа неговата отпорност. По релативно високиот раст на банкарските активности со корпоративниот сектор во декември 2015 година, веќе во наредниот месец следеа сосема спротивни движења на пад на кредитната поддршка за нефинансиските друштва, проследен со позначително намалување на корпоративните, трансакциски и краткорочни депозити, поради што истовремено се наруши и неколкугодишниот тренд на постојана денаризација на депозитите кај банките. И покрај тоа, квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем се задржа на високо ниво, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на 31 март 2016 беше 10,9%, што претставува само минимално зголемување, коешто главно беше поттикнато од корпоративните кредити.
Ова меѓу другото го констатира Советот на Народната банка на Република Македонија проценувајќи ја финансиската стабилност на земјава во минатата година и осврнувајќи се на движењата годинава.
Според констататациите на Советот, во првиот квартал од 2016 година показателите на солвентноста и капитализираноста на банките забележаа извесно зголемување, што најмногу произлегува од намалувањето на кредитните активности и зголемувањето на вложувањата во државните записи, при речиси непроменет износ на сопствените средства. Во споредба со крајот на 2015 година, отпорноста на банките кон претпоставените шокови поврзани со кредитниот ризик се зголеми, а останатите ризици имаа мало значење, со оглед на ниската веројатност за остварување на валутниот ризик и сѐ уште незначителната изложеност на ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности. 
Советот го разгледа и Извештајот за вториот квартал од 2016 година при што беше констатирано дека и покрај индикациите за можни отстапувања во однос на основното сценарио од априлската проекција кај некои клучни варијабли за монетарната политика, оцените за здравоста на економските фундаменти и понатаму се позитивни. Податоците за економската активност упатуваат на натамошен раст, но побавен во однос на досегашните остварувања. Последните податоци за депозитната база на банките и побарувачката на девизи на менувачкиот пазар укажуваат на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти, коишто се разнишани од домашната политичка нестабилност. Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветното ниво, и покрај негативниот шок во вториот квартал, кога се пролонгира разрешницата на домашната политичка криза, којашто се прелеа во домашната економија. Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и главно се поврзани со домашната политичка криза, а присутни се и надворешните ризици на кои беше посочено во априлската проекција. Нов ризик во овој контекст претставува референдумското гласање на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија, што би можело да има неповолни последици за британската и европската економија. Имајќи го сето ова предвид, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за успешно остварување на законски поставените цели.(НБРМ)