Признание за најуспешен хотел со спа понуда доби хотелот „Руссиа“ во Скопје. Ова признание му е доделено по повод 27 септември – Светскиот ден на туризмот.Министерството за економија на Република Македонија им додели признанија на најуспешните туристички агенции, хотелиери, туристички манифестации и најдобро уредени плажи што ја одбележаа 2016 година.
Hotel Rusia3
-Перцепциите на клиентите во врска со квалитетот на нашите услуги се засновани на долгорочни проценки кои обезбедуваат позитивна емоционална реакција кон спа услугите. Обезбедувањето задоволство е наш стратешки императив. Со позиционираноста на хотел „Руссиа“ се надевам дека ќе допринесеме Скопје и Македонија да се најдат на светската туристичка мапа, а градот ќе биде препознаен не само како историска и културна атракција но и како активна и спортска метропола за многу повеќе интернационални доживувања, – изјави м-р Јелена Костадиновиќ Танев, генерален менаџер на хотел „Руссиа“, по повод добивањето на ова признание.
Предлозите се направени заедно со туристичките здруженија и комори, со земање во предвид на извештаите од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во делот на доделени субвенции за организиран туристички промет, како и активностите на комисиите кои работат на категоризација на хотели, ресторани и лиценцирање на туристички агенции.
Годинава Светскиот ден на туризмот се слави под мотото „Туризам за сите: лица со хендикеп, стари лица и семејства кои патуваат со мали деца“, а официјалната прослава се случува во Бангкок, Тајланд.