Во Министерството за здравство  беше потпишан Договор за нов ургентен интернистички центар на Токсикологија кој со донација го финансираат компанијата „Алкалоид“ и Комерцијална банка, членки на Македонско-руската стопанска комора. Договорот го потпишаа  министерот Фатмир Меџити и Маја Стевкова-Штериева, финасова директорка во „Комерцијална банка“ и Владо Индов, директор во „Алкалоид“.Донацијата од Комерцијална банка изнесува 235.000 евра, а од „Алкалоид“  233.673 евра, или вкупно 468.673 евра.

Со донацијата просторот од 750 квадратни метри од Клиниката за токсикологија ќе биде реновиран и трансформиран во Ургентен интернистички тријажен центар.

Целта на овој тријажен центар е да претставува прв контакт со пациентите. Тие од нивниот прием би престојувале 24 до 48 часа по што, доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 метри квадратни. Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, рентген, ЕХО апарат, ендоскопија.Се очекува Центарот да биде готов за неколку месеци.