Претседателите на Руската Федерација и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, имаа потполно успешни и плодни преговори во Сочи, оценија двајцата лидери.

Двете држави ги укинуваат сите трговски ограничувања со исклучок на доматите, за кои санкциите ќе останат уште некое време, изјави рускиот претседател Владимир Путин на прес-конфренцијата одржана по средбата со неговиот турски колега.

– Прашавте кога може да се каже дека ограничувањата што беа донесени пред извесно време, се укинати.Може слободно да се каже – денеска. Се договоривме за комплексно решение на сите проблеми, поврзани со ограничувањата. Појдовме од тоа дека сите ограничувањата ја уриваат економијата и во крајна сметка им штетат и на нашите производители, -наведе Путин.

Тој посочи дека ги разгледал со Ердоган прашањата поврзани со укинувањето на ограничувањата и бариерите во трговијата, како и можноста за преминување кон порамнување во националните валути.

Путин истакна дека со решавањето на овие задачи се занимаваат активно меѓувладини комисии и вицепремиери кои се посебно овластени за тоа.

Рускиот претседател констатираше дека во текот на првите месеци на годинава е забележано мало зголемување на трговската размена меѓу двете земји и тоа за околу три проценти.

Договорено е, исто така, да се забрза подготовката на договорот за услугите и инвестициите и да се доврши формирањето на заеднички инвестициски фонд во вредност од една милијарда долари.

– Една од темите на разговорот беше и енергетиката, вклучително и изградбата на гасоводот „Турски поток“, потенцираше Путин, истакнувајќи дека неговата реализација ќе овозможи значително да се зајакне енергетската безбедност на Турција и Европа и да се прошират можностите на Русија за извоз на гас.

Во Сочи било дискутирано и за изградбата на АЕЦ „Акују“ во Турција, чии инвестиции се проценуваат на 22 милијарди долари.

Страните исто така се договорија да го поедностават визниот режим за низа категории руски и турски граѓани, вклучително и за стручњаците и бизнисмените.