Светската трговска организација пресуди во корист на Европската Унија во спорот околу царините што Русија ги воведе за увоз на некои земјоделски и индустриски производи од ЕУ
Комисијата на СТО утврди дека 11 од 12-те руски мерки што ги оспори ЕУ не се во согласност со обврските што Москва ги презела како членка на Светската трговска организација, а со кои е предвидено дека нема да се применуваат поголеми царини од оние веќе утврдени во документите за пристапување во таа организација, – пренесува Асошиејтед прес.
Меѓу производите што се погодени со повисоките царини на Русија се масло од палма, хартија и фрижидери, наведува американската агенција.
Ова е првата пресуда на СТО што се однесува на Русија откако земјата во 2012 стана членка на трговската организација.
ЕУ овој случај го поднесе во октомври 2014 година, а спорните царини се претежно воведени во периодот на зголемени тензии меѓу Западот и Русија поради украинската криза.
На пресудата на СТО Русија може да поднесе жалба, пишува Ројтерс.