Во април во земјава се регистрирани 34,2 милиони евра странски директни инвестиции (СДИ), – покажуваат податоците на Народна банка на Македонија.

Во првите четири месеци од годинава вкупното ниво на влезен странски капитал изнесува 96,8 милиони евра. Ако се има предвид дека во истиот временски период лани нивото на СДИ изнесувало 98,4 милиони евра, намалувањето годинава е за нецели два милиони евра, односно за 1,7 проценти.

Ако се тргне по месеци – во јануари се евидентирани само 490 илјади евра СДИ, во февруари 34,5 милиони евра, во март 27,5 милиони, а во април 34,2 милиони евра.

Ваквото движење експертите го поврзуваа со политичката криза, односно со нејзиното негативно влијание врз одлуките на странските инвеститори за вложување на својот капитал во земјава.

Неодамна се најавени пет нови инвестиции, кои се очекува да отворат околу 950 директни и близу 1.000 индиректни вработувања. Покрај овие, од почетокот на годинава во земјава почнаа да работат и 18 други компании.

За споредба, во 2015 година во земјава влегле 157 милиони евра СДИ, откако во 2014 била инвестирана сума од 205 милиони евра, а во 2013 СДИ биле уште повисоки и изнесувале 252 милиони евра. Рекордна била 2007, со 506 милиони евра, а солидна била и 2008, со 400 милиони евра.

Народната банка на Република Македонија деновиве соопштува дека на крајот на мај година, состојбата на бруто девизните резерви изнесувала 2.164,3 милиони евра, што претставува пад од 102 милиона евра во однос на крајот на првиот квартал.

Намалувањето кај девизните резерви во најголем дел произлегува од интервенциите на девизниот пазар, отсликувајќи ја зголемената побарувачка за девизи во текот на април и првата половина од мај како резултат на политичката криза во Република Македонија.

Во иста насока делуваа и трансакциите за сметка на државата, односно редовното отплаќање на обврските.

-Спротивно на ова, раст на девизните резерви предизвикаа девизните депозити на домашните банки кај НБРМ, како и позитивните валутни промени и промените на цената на златото и трансакциите на НБРМ, – се наведува во соопштението на НБРМ.